Националниот институт за проучување на холокаустот во Романија реагира на одлуката на Романската патријаршија да ги прогласи за светители тројцата свештеници и теолози Иларион Фелеа, Илие Лакатушу и Думитру Станилое поради нивните антисемитски ставови и симпатии кон движењето Легија во 30-тите и 40-тите години на минатиот век.
За време на диктатурата на Јон Антонеску помеѓу 1940 и 1944 година, во Романија беа убиени над 400.000 романски Евреи. Од организацијата изјавија: „Како што многу добро спомна Патријархот Даниел, канонизираните светители се праведни, па затоа се прашуваме дали издигнувањето меѓу светителите на луѓето кои во текот на животот ги споделувале со зборови или дела вредностите на фашизмот, е во согласност со христијанската етика?“.
Тие наведуваат и конкретни моменти од биографиите на тројцата свештеници: Иларион Фелеа (1903-1961) вршел активна политичка активност за време на Националната легионерска држава како припадник на легионерското движење и раководител на легионерското гнездо „Св. Јован“ при Православната богословска академија во Арад. Помеѓу 1944 и 1945 година бил интерниран во логорот Каракал за поранешни легионери. Како издавач, преку своите публикации во епархиското списание „Biserica și școala“, Фелеа го брани легионерското движење и етнократската државна програма на Никифор Крајник, која ја дефинира како „највредниот придонес на романскиот дух во делото за востановувањето на романска држава“, бидејќи истата имала за цел „да го уништи и еврејскиот паразитизам“ (Biserica și școala, бр. 7, 1940).
Илие Лакатушу (1909-1983) бил активен член на Легијата како шеф на легионерско гнездо, а подоцна и на легионерски сектор. Учествувал во легионерското востание од јануари 1941 година како водач на востаничка група. Тој, исто така, подготвува списоци на противници на легионерското движење што треба да бидат стрелани откако фашистичката група ќе ја преземе целосната власт. Помеѓу 1942 и 1943 година, тој беше мисионер на Романската православна црква во Придњестровје, регион под контрола на романската држава, каде што десетици илјади Евреи беа истребени за време на Холокаустот.
Думитру Станилое (1903-1993) пишувал написи во екстремно десничарските публикации „Calendaru “ и „Porunca vremii“ во кои ја бранел нацистичка Германија и поврзаноста меѓу православието и етнократијата. Објавувал значајни материјали и на страниците на списанието „Gândirea“, каде што учествува и во дебатите на екстремната десница, аргументирајќи ја врската меѓу православието и национализмот. Ги брани легионерите и на страниците на „Telegrafului român“ – официјалното списание на Архиепископијата Сибиу. Кога легионерите дојдоа на власт, Станилое изјавил дека „денес (22 септември 1940 година; бел. ред.) нашиот народ повторно го зема мечот на Архангелот, чуварот на христијанството, кој Бог му го дал. Денес се конституираме во држава којашто се одликува со вера во Бога, во тврдина којашто стои цврсто и непробојна пред лицето на паганскиот хаос. Ова е смислата на денешната револуција во животот на нашата земја, смислата на нашето преобразување во национално-легионерска држава под покровителство на Архангел Михаил, Божјиот воин против агресивните сили на злото“.
Пресслужбата на Романската патријаршија одговори на критиките на Националниот институт за проучување на холокаустот „Ели Визел“ во Романија во однос со канонизациите на свештениците и теолози Иларион Фелеа, Илие Лакатушу и Думитру Станилое. Во својот одговор, Романската патријаршија наведува дека пред канонизацијата се врши темелно проучување на животот на лицата предложени за канонизација, при што се става акцент на тоа како тие го промениле својот живот. Критериумите што се земаат предвид се: чист и свет живот; исповедање ја православната вера до крајот на животот, стремеж кон побожност, украсен со многу добродетели; љубов и дух на пожртвуваност, пројавени кон оние кои имаат потреба; Христов исповедник во комунистичките затвори; чудотворство и забележана почит меѓу верните.
Во врска со главната критика дека свештениците одобрени за канонизација биле симпатизери на нацистите и на Хитлер, од РоПЦ наведува дека канонизацијата на една личност не значи осветување и легитимирање на сите негови постапки и ставови, туку дава оценка за конечниот развој на личноста на крајот од животот: „Некои светители на кои им се оддава почит во Православната Црква, во одредени периоди од својот живот, имале однесувања и постапки коишто тешко се разбираат, па дури и противречат на христијанското учење, но Црквата ја зема предвид промената во животот на грешникот, а особено начинот според кој тој го завршил својот живот, без, секако, да ги одобрува (осветува) преку својата одлука одредените отстапувања што тие луѓе ги имале во текот на својот живот“.
Како пример се дадени свети апостол Павле, света Марија Египетска и свети пророк и цар Давид, според кажаното во Светото Писмо: „Сети се на своите учители кои ти го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред твоите очи крајот на нивниот живот, подражавајј ја нивната вера“ (Евр. 13:7). На крајот од соопштението се наведува дека „Романската православна црква јавно се оградува од каква било идеолошка или политичка партиска припадност, истовремено повикувајќи ги на дијалог сите што се заинтересирани да ги проучуваат животите на канонизираните личности“.
Во историјата на Православната црква во 20. век, манифестациите на позитивен став кон Хитлеровата идеологија, и соработката со нацистите на голем број истакнати свештеници и симпатиите на пошироките црковни кругови е непријатна тема што се избегнува. Црковните студии денес ги нагласуваат само херојските примери на отпор кон нацизмот, без да се проучат причините зошто авторитетните теолози и свештеници не го препознале антихристијанскиот дух на нацизмот и го симпатизирале. Во одговорот на Романската патријаршија, овој проблем, исто така, не се спомнува директно, што сведочи за неговата тежина, а со тоа и неговата актуелност за православните христијани.
/Dveri.bg
