И Романската православна црква се вброи во редот сестрински православни цркви кои го признаваат канонскиот статус на МПЦ-ОА, практично демонстрирајќи го тоа со заедничко сослужување со владици на МПЦ-ОА.
Сослужувањето се случи денеска во Малме, во црквата на МПЦ-ОА. На 19 годишнината од камен темелник и 9 години од осветување на храмот Свети Наум Охридски – Малме, Еврпскиот митрополит г. Пимен, отслужи литургија во сослужение на епископот Севено-европски Макариј од РомПЦ и епископот Британско скандинавски Доситеј од СПЦ.
Откако на 9 мај оваа година Вселенската патријаршија одлучи по 55 години да ја укине шизмата врз МПЦ-ОА, десет дена подоцна се случи првото сослужување на помирување меѓу МПЦ-ОА и СПЦ во Белград. Потоа следуваше согласноста на СПЦ за прогласување автокефалност во Македонија. На 12 јуни во Фанар, во седиштето на Вселенската Патријаршија се случи првата заедничка служба на Архиепископот Стефан и Патријархот Вартоломеј. Потоа следуваше сослужување на Владиката Наум со владици од Грчката православна црква во Грција. Во септември Епископот Партениј при посетата на Ерусалим сослужуваше со Ерусалимскиот патријарх Теофил. Таму се случи и првото сослужување на владика од МПЦ-ОА со владици на Руската и на Бугарската православна црква. На 2 октомври во Нови Сад, владиците на МПЦ-ОА, Петар, Тимотеј и Агатангел, сослужуваа на настанот за канонизација на нови светители на СПЦ, каде практично имаа прво сослужување и со владици на Антиохиската патријаршија и на Црквата на Чешка и Словачка.
Остануваат уште пет автокефални цркви со кои МПЦ-ОА засега нема воспоставено односи на сослужување. Тоа се Александриската Патријаршија, Грузиската Патријаршија, црквата на Кипар, Албанската и Полската православна црква. Нема сослужувано и со новата автокефална црква на Украина.

