Католичките бискупи во Франција вчера се согласија да продадат дел од црковниот имот за да им платат отштета на илјадниците жртви што биле сексуално злоупотребувани од свештеници.
Црковните власти се под зголемен притисок да им исплатат надомест на жртвите, откако пред нешто повеќе од еден месец беа објавени резултатите на независната комисија што ја истражува сексуалната злоупотреба на деца во Франција од страна на свештеници и други католички службеници во Франција, објави АФП.
Жан-Марк Сове, кој раководи со независната комисија, рече дека католичките свештеници сексуално злоставиле околу 216.000 деца од 1950 година. Ако на тоа се додадат и жртвите на злоупотреба што не ги извршиле свештеници, туку други луѓе поврзани со црковните институции, како што се католичките школи и домови, се доаѓа до бројка од 330.000 малтретирани деца.
Околу 80% од жртвите се од машки пол.
„Последиците се многу сериозни. Околу 60% од жртвите подоцна имале големи проблеми во приватниот и сексуалниот живот“, рече Сове.
„Ќе бараме заем од банките ако треба“
Ќе биде формирана независна комисија што ќе ја процени оправданоста на барањето, а Црквата ќе обезбеди средства за отштета, изјави Ерик де Мулен-Бофор, раководител на Бискупската конференција во Франција.
На вчерашната конференција присуствуваа 120 члена.
Шефот на бискупската конференција најави и дека црквата во Франција ако треба ќе бара и заем од банките и дека од Ватикан ќе биде побарано да испрати набљудувач што ќе ја следи исплатата на отштетата на жртвите.
Штетата може да ја чини црквата во Франција десетици милиони евра, а епископите ги ветија првите исплати веќе следната година. Најавија и дека ќе воведат нови мерки, кои треба да спречат нови сексуални напади од свештеници и да овозможат казнување на свештениците.
Црковните водачи сѐ уште не одлучиле колкава ќе биде висината на обесштетувањето. Се надеваат дека со обвинителите ќе договорат тужби против обвинетите за користење на црковните позиции за злоупотреба на деца.
„Сурова рамнодушност кон жртвите“
По презентирањето на резултатите од истрагата, првиот човек на комисијата што ја истражуваше злоупотребата рече дека проблемот сѐ уште постои. Тој додаде дека до 2000-тите, Католичката црква покажувала целосна сурова рамнодушност кон жртвите и дека вистински почнала да го менува својот став во 2015-2016 година.
Црквата не само што не ги презема неопходните мерки за да се спречи злоупотребата, туку и ги затвора очите, не пријавувајќи злоупотреба и понекогаш свесно ставајќи ги децата во контакт со предатори, рече тој.
Претседателот на Француската бискупска конференција, Ерик де Мулен-Бофор, побара прошка од жртвите, наведува АП.
Комисијата ја повика Црквата да преземе решителни чекори и да ја напушти тезата за „грешки“. Комисијата ја повика државата да најде начин за обесштетување на жртвите, особено на оние на кои им застарел предметот.
„Вие сте срам за човештвото“
„Вие сте срам за човештвото“, им рече Франсоа Дево, кој го основал Здружението за жртви Ла Пароле либери, пред претставниците на црквата на јавната презентација на извештајот, пред Сове да земе збор.
„Имаше одвратни масовни злосторства во овој пекол, но, уште полошо, имаше предавство на довербата, предавство на моралот, предавство на децата“, рече Дево, обвинувајќи ја Црквата за кукавичлак.
Нашле докази за околу 3.000 педофили во црквата
Комисијата, според Би-би-си, пронашла докази за 2.900 до 3.200 злоставувачи на деца меѓу свештениците и другите клерици, кои во Франција ги има околу 115.000.
Извештајот се заснова на црковни, судски и полициски архиви и интервјуа со жртви.
Истрагата беше нарачана од Француската католичка црква во 2018 година по серија слични скандали во други земји. Комисијата ја сочинуваа 22 члена, а меѓу нив имаше адвокати, лекари, историчари, социолози и теолози.
Повеќето од случаите што ги истражува комисијата се чини дека се застарени според францускиот закон.
Сове, висок француски државен службеник, претходно изјави дека извештајот од 2.500 страници се обидувал да го измери бројот на сторителите и бројот на жртвите.
Се бараа и „механизми, особено институционални и културни“, кои им дозволуваа на педофилите да останат во рамките на Католичката црква.
/МКД.МК
