Г. Тимотеј: Половина од буџетот на МПЦ ни е од Велигден

Date:

Share post:

Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј, вели дека половина од приходите на црквите и на манастирите на МПЦ се од Велигден и дека  тие сериозно се погодени од кризата. Сепак, тој најави дека за празникот ќе опстојат на одлуката да се почитуваат мерките  за справување со епидемијата од корона вирусот и нема да организираат масовни церемонии, туку само во најтесен  круг, објави „Независен весник“.

-Ние препорачуваме за Велигден најтесен круг на луѓе, но доколку некој не сака да го почитува тоа, ние нема да изигруваме полицајци и да бркаме некого од црквите. Црквите ќе бидат отворени за тесен круг на луѓе, а во 12 часот, и да сака народот да дојде, ќе се соочи со прекршување на полицискиот час. Тоа е ред и поредок што го наметнува државата, не го наметнуваме ние. Ние само ги почитуваме препораките на стручните луѓе за заштита од епидемијата на сите и нас самите, вели владиката Тимотеј за „Независен“.

Според него, црквите ќе бидат отворени во четврток и во петок додека не почне полицискиот час, а потоа ќе бидат затворени.

-За кого да бидат отворени? Ангелите немаат нозе и тело за да дојдат, тие се духови- вели Тимотеј, додавајќи дека и да сакаат, додека трае полицискиот час не можат да ги отворат црквите.

Тој сепак , не ја исклучи можноста некои цркви, кои имаат такви можности, да ги снимаат и пренесуваат церемониите, меѓудругото и преку локалните медиуми, но според него МПЦ не е организирана до таа димензија за да може да го прави тоа насекаде.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here