Најдолгото гласачко ливче на овие избори е половина метар, откри директорот на печатницата „Киро Дандаро“, каде се печатеше изборниот материјал. Сепак, и покрај обемноста, ливчињата се испечатени и дистрибуирани до сите 80 Општински изборни комисии (ОИК) и комисијата на Град Скопје. Испечатени се над четири милиони и 600.000 гласачки ливчиња.
Причината за огромната должина се должи на тоа што гласачките ливчиња комбинираат повеќе изборни категории (градоначалник, советници, Град Скопје и Совет на Скопје) и се подготвени со двојна заштита (видлива и невидлива). Беше предизвик, но доверливиот материјал го испечативме во рекордно време, два дена пред зададениот рок. Најдолгото ливче е 500 милиметри“, изјави Вангел Талевски, генерален директор на печатница „Киро Дандаро“ од Битола.
Доставата ја вршат 17 тимови на Државната изборна комисија, со поддршка од МВР. Покрај гласачките ливчиња, се доставуваат и 254.262 страници избирачки списоци, 8.692 оригинални записници, како и 8.330 примероци на Брајово писмо за лицата со оштетен вид.
„За печатење на овие избори се предвидени 48 милиони денари, но крајната цифра ќе ја кажеме на крај од изборите, затоа што ќе зависи од тоа на колку места ќе има прегласување. Локалните избори се најобемни избори“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Во избирачкиот список се запишани 1.832.415 избирачи, а ќе се отворат 3.474 избирачки места низ земјата. Шест избирачки места нема да функционираат, затоа што тамо веќе нема население.