Завршен е проектот за непосредна заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во село Младо Нагоричане во општина Старо Нагоричане, која датира од 16 век. Ова го заклучија министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, заедно со претставници на Управата за заштита на културното наследство, стручната екипа од Националниот конзерваторски центар и претставници од кумановскиот музеј кои вчера извршија увид во црквата.

Канческа-Милевска изјави дека проектот за непосредната заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на оваа црква која претходно била во фаза на рушење, е целосно завршен.
– На овој проект се работеше долги години. Во изминатиот период и денеска имаме можност да го видиме целосно завршен овој проект кој опфаќа неколку фази кога станува збор за непосредна заштита, конзервација и реставрација на архитектурата на црквата. Тука станува збор за конструктивна консолидација на самата црква. Нешто коешто сакам да го истакнам како значајно, а тоа е враќање на првобитниот сјај на архитектурата на црквата, со конструктивно зајакнување, целосно препокривање на самата црква, дренажаен систем околу црквата, партерно уредување, потпорен ѕид, значи сето она што е неопходно за да се врати првобитниот изглед на овој вреден споменик на културата, рече Канческа-Милевска.
Потенцира дека кога станува збор за непосредна заштита на вакви објекти, фазите треба многу стручно да се работат со цел да нема никакво нарушување и да се врати автентичноста која, како што рече, е особено значајна и може да се види на споменикот на културата.
– Издвоени се шест милиони денари, средства за самата конзервација и реставрација на архитектурата. Нешто што е значајно е продолжување на втората фаза, а тоа е конзервација на фрескоживописот, рече министерката.
Таа потсети дека се истражувале над 60 арехеолошки локалитети каде што биле откриени над 800 илјади вредни артефатки кои што се конзервирани и промовирани пред македонската и светската јавност. Овие бројки, посочи, говорат за нашата голема доследност и почитување на културното наследство. Ние и оваа година продолжуваме со таа обнова, заштита, конзервација и реставрација на сите профани и сакрилни објекти, продолжуваме со истражување на археолошките локалитети, со оној проект кој што спомнав за обнова на фасадите во старите градски јадра и со сето она што е приоритет во делот на самите институции, заводи и музеи, додаде министерката.
Ѓурѓица Лековска од Националниот конзерваторски центар изјави дека црквата била во исклучително лоша состојба, особено кровот кој прокиснувал и водата која што навлегувала го раздробувала каменот и внатрешноста на црквата.
– Работено е на препокривање со нови ќерамиди, поставување на лимени опшивки за да се заштити водата, повторно да не ги најадува и нагризува убавите блокови, работено е на фасадата кај прозорците… работена е дренажата на северната страна на црквата, потпорниот ѕид, платото и конзервација на масивните дрвени оргинални врати, изјави Лековска.

Проф. д-р Предраг Гавриловиќ рече дека биле користени современи методи, направена е минимална интервенција, создадени се услови да се направи наредна фаза, тоа е фрескоживопис, што, според него, е највредно во овој дел.
– Исто така и состојбата со фреските од фрескоживописот беше катастрофална, целосно беа прекриени. Паралелно со конструктивна консолидација работевме на заштита да не се оштетат и сега претстои оваа завршна фаза. Во секој случај претставува еден добар пример на заштита на културно наследство, вклучувајќи ја и онаа трајна заштита од земјотреси, извршена санација итн., додаде Гавриловиќ.


Nema nikakvi podatoci koga i koj ja gradel crkvata. Samo se naveduva vekot na gradbata, i se dobiva vpecatok deka padnala od neboto ili pak deka sama preku noc niknala crkvata. Toa ne e slucajot samo so ova crkva tuku so mnogu drugi. Se premolcuvaat najvaznite podatoci za sekoj sakralen objekt vo Makedonija, za da ne bi se otkril praviot ktitor, graditel i donator. Nikoj ne saka da kaze zosto toa se pravi , no ne e tesko da se pretpostavi dojde do pravite podatoci. No se znae deka samo pravite podatoci se premolcuvaat .