Заврши првиот летен камп по веронаука на Бигорскиот манастир. Голем број дечиња и оваа година беа дел од часовите и работилници по Веронаука во манастирите на Бигорската Обител.
Тие за ова време имаа активности за стекнување вештини, но и за духовна надградба.
Голем и свет влог е евангелското слово посеано во детското срце. Таа сеидба е благородна, но истовремено и многу одговорна дејност. Носи преголема радост и исполнетост, но бара и сериозен труд и посветеност. Зашто ништо на земјата не е толку скапоцено како охристовените детски души. Барем тоа го докажува повеќегодишното искуство на нашите свештени Обители во духовната работа со младите. Впрочем, и Самиот наш Учител и Спасител, Господ Исус Христос, кажа: Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно (Матеј 19,14). Раководен од оваа Христова заповед, која истовремено е и завештание од нашите предци да им го предадеме најважното на најмладите, нашиот Старец Партениј и ова лето посака и благослови децата да ги посетуваат нашите две Обители – Бигорската и Рајчичката – и да им овозможи малку поодблизу да го запознаат монашкиот богослужбен живот, основните вистини за православната вера, но пред сѐ да ја почувствуваат неизмерната Христова љубов и радост посеана во нивните души. Meѓу другото, тие ја својата благодарност ја искажаа и со пишаниот збор, со што, всушност, нѐ задолжија уште повеќе да се молиме за нивната светла духовна иднина, велат од Бигорскиот манастир.


























