Беседа на Архиепископ охридски и македонски, г.г. СТЕФАН на промоцијата на книгата „Византија во дијалог“, од отец Милан Ѓорѓевиќ.
Кога ќе се спомне Византија – секогаш тоа име асоцира на силна држава, на империја, на царштина. Кога ќе се спомне Византија – секогаш се мисли и на период на врвна богословска мисла, на длабока духовност, се мисли на времиња со богата книжевност, со стил во уметноста – во архитектурата, иконографијата, музиката…
Византија, всушност, е источниот дел од Римската империја, која постоела од 324 до 1453 година. Имено, Великиот Константин изградил престолнина на местото од некогашниот Византион, подигнал град кого отците на Првиот вселенски собор го нарекле Константинопол, Словените – Цариград, а Османлиите – Инстанбул.
Историјата на Византија е поделена на три периоди: I –рановизантиски (324-610);II – средновизантиски (610-1025) иIII –доцновизантиски(1025-1453).
Првиот период се карактеризира како време во кое Византија доживеала длабока и трајна преобразба, време на кое особен белег му дале богомудрите цареви и царици, тоа е време на христијанизација на империјата, време на вселенски и помесни собори, време и на ереси но и на златна епоха во Црквата, време на силни богослови и црковни мислители, време на кападокиската и антиохиската богословска школа, време на свети Василиј Велики (+379), свети Григориј Богослов (+390), свети Јован Златоуст (+407), на свети Роман Слаткопевец (+510) и сцети Андреј Критски (+712), време во кое ќе се изгради неповторливата Света Софија, време на создавање на трајни духовни и материјални вредности.
Вториот период од 610-1025 е време на реформи, време на замена на латинскиот со грчкиот јазик, време во кое Црквата ќе добие поголема улога во византиското општество, време во кое ќе зачестат воените судири со источните народи и посебно со следбениците на исламот. Тоа е време на Јован Лествичник (+563), Максим Исповедник (+666),Јован Дамаскин (+776) и патријархот Фотиј (+891)… Тоа е време на иконоборството и време во кое конечно ќе победат православието и почитувачите на светите икони…, време во кое на светите Браќа од Солун покрај другите ќе им се довери и мисијата меѓу Словенските народи во Моравија и Панонија, време во кое на македонските простори ќе продолжи кирилометодиевото дело благодарение на враќањето на светите Климент и Наум, врз чија дејност ќе се создаде славната Охридска Архиепископија…,време во кое монаштвото ќе ја освојува Света Гора, време во кое се покрсти Рускиот народ…
Третиот период е време во кое ќе се случи трагичната поделба (1054) и време на неуспешните разговори меѓу стариот и новиот Рим за повторно единство на Црквата.Тоа е време на обиди да ѝ се вратат славните времиња на Византија, особено во владеењето на династијата на Комнените, но тоа е и време во кое Цариград ќе го освојат крстоносците(1204) и ќе го создадат Латинското царство од кое на Византија ќе ѝ останат трајни последици. Владеењето на императорот Михаил VIII Палеолог е последен обид да ѝ се врати достоинството, славата и улогата на Византија. Тогаш ќе се појават и црковните мислители ГригоријПалама (+1360) и Никола Кавасила (+1397)… За жал, внатрешните несогласувања и надворешните напади ќе „помогнат“ Цариград конечно да падне во рацете на Османлиите, а со тоа да заврши повеќе од единаесетвековното постоење на империјата, која помогна со Христовата светлина да се просветат многу варварски народи, која разви своја култура, наука, право, државност, која бдееше врз верата во Христа и беше чувар на учењето на Вселенската Црква.
Ниедна друга држава или империја не владеела толку и не така, и ниедна друга не создала ни толку ни такви дела како Византија. И по повеќе од петипол столетија од нејзиното распаѓање, еве, живеат и ќе продолжат да живеат спомените за неа. Особено се неизбришливи присуството и влијанијата во богословската мисла, во иконографијата, во духовноста и во науката воопшто, и денес, а верувам и во иднина. Траењето на Византија го потврди и изложбата на икони и сакрални предмети, организирана по повод 2000 години на Христијанството, поставена во Метрополитен музеј во ЊуЈорк, од 23. Март до 4. Јули во 2004 година, која беше насловена:Византија – сила и убавина.
Имав можност, по покана на организаторот, да ја посетам таа изложба на која беа преставени икони и од Синајската и од Руската збирка и икони од Македонија и од земјите што биле во составот на некогашната Византија и од земјите во кои имало и има влијание од византиската уметност и култура, и да се уверам во тоа колку некогаш хармонично опстојувале и делувале и духовната убавина на силата и духовната сила на убавината, со што на најуверлив начин се покажа дека траењето на Византија продолжува и без неа, чиниш – како со неа!
Професорот на Православниот богословски факултет, отец д-р Милан Ѓорѓевиќ, со своето дело насловено како Византија во дијалог, во нашиве дни ни нуди разговор инспириран од личности и дела кои твореле и создавале на просторот и во времето на Византија, а имале и имаат отсјај и влијание и денес на нашиве простори и на наши личности. Неговото ангажирање во темите од неисцрпната тема – Византија, е потребно и во ова наше време, зашто за Византија има и што да се слушне, и што од неа да се види, и што од неа да се научи и, секако – да се ползува.

