Во Русија во овој момент се практицира Христијански Православен фундаментализам

Date:

Share post:

ИНТЕРВЈУ: ЗОРАН МАТЕВСКИ – УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР

Од утре во Струмица почнува Втората светска конференција за религиски дијалог и соработка. Станува збор за исклучително значање и масовен наулен собир на кој над 60 светски научници од областа на религијата ќе дебатираат за предизвиците со кои се соочува општетството.

Професорот на Филозофскиот факултет, Зоран Матевски, е еден од организиаторите. Во интервју за Религија.мк, открива дел од агендата.

РЕЛИГИЈА.МК: Деновиве во Струмица ќе се одржи Втората светска конференција за религиски дијалог и соработка. Спорд агендата и програмата, станува збор за прилично моќна конференција. Што ќе биде фокусот?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: Фокусот на Конференцијата ќе биде ставен на односот помеѓу религијата и политиката или на црквата и државата. Денес во светот на сите научни области кои се занимаваат со општествениот феномен на религијата (социологија на религија, антропологија на религија, историја на религија, психологија на религија), постојат две спротиставени гледишта во однос на феноменот на секуларизацијата во современите општества во светот. Едни сметаат дека секуларизацијата е реалност, а други дека е мит. На Втората  Светска Конференцијата ќе ги судриме овие две гледишта преку најсовремените резултати од научните истражувања кои се занимаваат со оваа проблематика. Заради тоа освен презентациите на трудовите суштински дел на Конференцијата се дискусиите кои се составен дел на сите сесии.

РЕЛИГИЈА.МК:  Голем број имиња од светската наука поврзана со религијата, социологијата, политиката ќе бидат гости. Дали на светот во овој период му е потребен религискиот дијалог, со оглед на тоа дека моменталните светски конфликти итекако имаат испреплетеност на религија и политика?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: Да, на Конференцијата ќе учествуват над 60 најеминентни преставници кои се занимаваат со религијата од 22 држави од сите континенти во светот. Целосната испреплетеност на религијата и политиката води кон етно-религиска мобилизација и тоа е еден од клучните фактори кои ги предизвикуваат конфликтите во светот. Религискиот дијалог и соработка му е потребен на светот, особено заради фактот што религиската исклучивост денес е најголемиот проблем во светски рамки, иако не ги потценуваме и политичките, финансиските, демографските, мигрантските, моралните и други проблеми. Религиската исклучивост води кон религиски екстремизам и тероризам. Заради тоа многу пораки кои денес доаѓаат од најголемите религиски великодостојници од глобалните светски религии одат во насока на надминување на овој проблем.

РЕЛИГИЈА.МК:  Какви пораки очекувате да бидат испратени од оваа Конференција?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: Се разбира дека науката мора да даде свој придонес во рамките на улогата религијата во глобалниот свет и време. Ние ќе ги детектираме причините за оваа би рекол драматична состојба во светски рамки и ќе понудиме решенија за надминување на овие проблеми. На светот му се потребни јасни практични решенија и практики за спречување и разрешување на конфликтите кои имаат религиска позадина, а не празни популистички фрази кои се форсираат особено од политичката десница во Европа. Преку трудовите кои ќе бидат објавени во нашиот еминентен часопис Religious Dialogue an Cooperation и преку книга (Edited Collection), која ќе биде објавена од некоја од најеминентните издавачки куќи во Европа, ќе испратима јасна и моќна порака до религиската и политичката елита во светот.

РЕЛИГИЈА.МК:  Украина, Палестина веројатно ќе бидат дел од темите на кои ќе се дебатира. Како ја оценувате улогата на религијата во овие конфликти?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: Не само за овие два конфликти, ние ќе дебатираме и за сите останати латентни и отворени конфликти, особено за оние бројни конфликти во Азија и Африка. Суштинскиот парадокс е што сите овие конфликти не се во основа религиски конфликти. Тоа се политички, етнички, геополитички, а некаде и конфликти со чиста економска позадина. Проблемот е во тоа што религиските чувства на верниците се злоупотребуваат за да конфликтот добие на интензитет. Освен тоа одредени преставници на религиските елити на еден фашизоиден начин ги первертират клучните догматски фундаменти претставени во светите книги (Куранот, Библијата, Талмудот и Будистчките свети книги). Исто така политичката десница, особено во Европа манипулира и ги користи христјанските вредности како стока во неолибералниот капитализам.

РЕЛИГИЈА.МК:  Православната црква е во еден исклучително сложен период. Историски можеби најкомплицираниот. Моето прашање сепак е за најизната улога во полтичките процеси кај некои од државите. Русија е еден таков пример. Не е ли тоа злупотреба на религијата за политички, во случајот за геополитички империјалистички цели?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: За жал во Русија во овој момент се практицира Христијански Православен фундаментализам. Овој тип на фундаментализам ги има базично истите карактеристики како Исламскиот фундаментализам. Фундаментализмот кој во основа е позитивна религиско-политичка идеологија се первертира во исклучително негативен општествен феномен. Во конкретниот случај Руската Православна Црква во спрега со тоталитарниот политички систем во Руската Федерација тотално погрешно ги толкува оделни делови од Библијата, фундаментите на православното христијанство и историските вистини поврзани со истото.

РЕЛИГИЈА.МК:  Неодамна Србија заедно со СПЦ институционализираа Сесрпски собор, кој според многумина има индиции за сериозни политичко-црковни имликации на Балканот?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: Допрва ќе видиме што е во позадина на овој случај. Претпоставувам дека во позадина на сето ова е идејата јасно да се застане на страна на Руската Православна Црква во рамките на незиниот спор со Вселенската Патријаршија, и борба за превласт во Православната Христијанска Екумена. Опасно во целата ситуација е и Српската Православна Црква, обидувајќи се да биде лидер на православното христијанство на Балканот да не заплива во водите на Православниот Христијански фундаментализам, овој пат версус Исламскиот фундаментализам. На ова упатуваат и ставовите на одредени претставници на религиската, политичката и за жал научната елита во Србија.  Но , искрено се надевам дека до тоа нема да дојде

РЕЛИГИЈА.МК:  Каква според Вас би требало да биде улогата на современата православна црква во секуларни, демократски општества, каде мнозинството верници се од таа вероосповест?

ПРОФ. МАТЕВСКИ: Улогата на Православните Цркви во Европа е огромна, што јасно го гледаме во случајот на Руската Православна Црква. На Балканот имаме ситуацијата во која што постои целосна испреплетеност во општественото дејствување на Црквата и Државата. Особено во регионот на Западен Балкан се случува профанирање на религиската елита од една страна и сакрализирање на политичката елита од друга страна. Значи со еден збор кажано секуларизацијата е мит. Заради тоа персоналната граѓанска идентификација на личностите од овој регион е со многу послаб интензитет од етничката и религиската идентификација. Се додека е тоа така, не можете да ги разрешите латентните етничките и религиски конфликти во целост.

1 COMMENT

  1. Руската Православна Црква погрешно толкува делови од Библијата и во Русија се практицира верски фундаментализам – тврди професор на Филозофскиот Факултет во Скопје. Навистина храбро: собрание од т.н. научни работници ќе дебатира врз основа на своите крајно ограничени, сепак профани критериуми, за автентичноста на духовниот подвиг и на богословското ниво на цела една, впрочем на најголемата Помесна Православна Црква денес во светот. За да биде тоа тврдење релевантно, ќе мора да се изјаснат и околу тоа кој вид на толкување на Библијата и кои авторитети учесниците на актуелната конференција ги потврдуваат за веродостојни и прифатливи – за да може меѓи другото и црковната фела да ретерира. Социолошките феномени секако може да се опсервираат научно, но кога поаѓалиштата на актуелните аналитичари генерализираат во поглед на богопознанието на милиони верници, клирици, подвижници итн. врз основа на медиумски впечатоци и други, крајно неверодостојни извори во време на силна пропаганда насочена кон самата Русија, па дури и кон нејзината Црква – најлесно е да се возвишува лажниот авторитет на секуларизмот како најпосакувана, наводно најслободна форма на обликување на општествен модел необременет од религијата. Инаку, поимањето на настаните, личностите, поуките итн. во Светото Писмо секогаш зависат од личното духовно рамниште на читателот, од неговиот опит и подвиг воопшто; катафатичко усвојување на библиските вистини всушност и не постои. Светото Предание е една комплексна ризница во која методите на науката се релативно беспомошни. Значи, таа може да анализира или да дебатира на разни теми, но мора да биде свесна за своите граници, нема нешто што ќе и’ дозволи да седи на пиедестал кој е толку далеку од изворите на автентичното познание за сферите коишто сака да ги проучи и за кои сака да се произнесе.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Српскиот свет“ и раката на Москва на Балканот

Балканот повторно се наоѓа на крстосница меѓу вистината и манипулацијата, демократијата и авторитаризмот. Како што се приближуват изборите...

Најдолгото гласачко ливче половина метар

Најдолгото гласачко ливче на овие избори е половина метар, откри директорот на печатницата „Киро Дандаро“, каде се печатеше...

ДИК: Одобрени уште осум барања за акредитации за набљудување на изборите, прифатени три приговори од гласачи

Државната изборна комисија денеска прифати уште три од вкупно четири пристигнати приговори од гласачи. Прифатени се два приговори...

Народниот правобранител отвора бесплатна телефонска линија за пријавување повреди на избирачкото право

Во канцеларијата на Народниoт правобранител во недела (19 октомври) на денот на одржувањето на првиот круг од Локалните...