На јужната страна од православните гробишта во Тетово, во населбата Поток, веќе со месеци зјае карабина од објект наменет за капела. Децениска желба на тетовци е изградба и функционирање на еден ваков објект, кој треба да придонесе за намалување на семејните маки на покојниците, особено на оние семејства кои немаат услови во домашен амбиент да им оддадат почит на починатите.
На последната седница на Советот на Општина Тетово, Горан Јовановски, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, едно од прашањата упатени до градоначалничката Теута Арифи беше токму за тоа зошто има застој во изградбата на градската капела. Арифи рече дека застојот е од техничка природа, но дека изградбата ќе продолжи, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните, но притоа не кажа кога ќе биде тоа.
Драган Давидовски, пак, советник од ВМРО-НП, смета дека разрешувањето на овој проблем е несериозен. „Најнапред сакам да кажам дека локацијата е несоодветна. Ако тоа се прифаќа, мислам дека објектот што сега е карабина, не личи на намената. За изградба на објектот исекоа стари дрвја, кои служеа за сенка на тој простор. Сега е вистински хаос. Ова не е разрешување на една суптилна потреба. Градбата наменета за капела во изминативе месеци беше вистински јавен тоалет. Не можам да го сфатам ваквиот однос“, разочарано рече Давидовски.
Во делот што претставува приземје на објектот, сега е вистински хаос. Внатре не може ниту да се ѕирне од смрдеа и нафрлан смет. Дали дефинитивно ќе продолжат работите на капелата, ќе покаже времето. Засега овде се’ е оставено на забот на времето.
/УТРИНСКИ

