Сострадание и молитва за настраданите во Кочани

Date:

Share post:

Бигорскиот манастир испрати сочуство за трагедијата во Кочани.

Во продолжение интегралниот текст.

Со огромна душевна болка и потресеност, од името на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, и на целата наша монашка заедница, упатуваме сочувство од крајните длабини на нашите срца до семејствата и ближните на трагично загинатите и повредените во катастрофалниот пожар во Кочани, кој утрово ја зави во темнина нашата Татковина, но и целиот свет. Оваа невидена трагедија кај нас, којашто одзеде десетици млади животи, смртно ја рани и онака измачената народна душа. Болката од овие загуби е неизмерна, а ние, како браќа и сестри во Христа, како граѓани на Македонија, неизбежно ја чувствуваме како своја.

Со тешко воздивнување се молиме за блажен покој на душите на постраданите, за нивно вбројување меѓу оние кои вечно се радуваат во светлината на Божјата љубов и убавина. Нашите молитви се упатени и за повредените, за нивно брзо и целосно исцеление. Особено сострадуваме и во срцата ги носиме оние чиишто домови денеска осамнаа во црнина – родителите на настраданите, браќата, сестрите, роднините и пријателите, чиишто скрб и болка не можат да се опишат и да се ублажат со зборови. Господ Бог, Кој е единствената утеха за ранетото срце, да ја ублажи нивната грамадна жалост и да ја претвори во надеж за Воскресение и за вечен живот во Христа.

Оваа трагедија, за жал, е уште едно потсетување дека во нашето општество честопати владее недостиг на одговорност и совест. Колку ли животи би можеле да бидат спасени ако постоеше грижа, ако секој ја преземеше својата одговорност со сериозноста што животот ја бара од нас? Повторно сме очевидци за тоа како неодговорноста, небрежноста и алчноста можат да доведат до ненадоместливи загуби. Како општество, мораме да застанеме и да се запрашаме: до кога животот на младите луѓе ќе биде заложник на неодговорноста и на несовесноста? До кога ќе гледаме како се повторуваат истите трагедии без одговорност и исправање?

Затоа, денес, освен сострадание и молитва, упатуваме и повик – повик кон општеството, повик кон совеста, повик кон себеси. Доста е со површноста, доста е со пренебрегнувањето, доста е со замижаните очи и со премолчувањето на одговорноста. Човечкиот живот е светост, непроценлив дар од Бога, и секоја негова загуба поради несовесност и нечесност е и наша колективна вина.

Во овие моменти на неизречива тага и горчина, единствената надеж останува во Оној Кој е Патот, Вистината и Животот, Воскреснатиот и Воскресителот, Христос вистинскиот Бог наш и Спасител. Само преку Него можеме да најдеме утеха, само преку Него можеме да го преобразиме овој свет во место каде што човечката грижа и љубов ќе бидат над секоја немарност и себичност.

Нека Господ им подари вечен покој и добар Рај на загинатите, брзо исцеление на повредените, утеха на семејствата, а на сите нас – разум, чесност, совесност, одговорност и љубов кон ближниот, за да не дозволиме ваквите трагедии да ни бидат секојдневие.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Голема теолошка конференција во Кореја за Првиот вселенски собор

Во четврток, на 6 ноември 2025 година, на Теолошкиот семинар на Кореја (Korea Theological Seminary) во градот Чеон-Ан,...

Архиепископот на Финска во посета на Патријаршијата на Грузија

Митрополиот Шио (Мужири), местобљустител на патријаршискиот престол и Митрополит на Сенаки и Чхоротску, го прими Архиепископот Илија од...

Патријархот и националистите на ист пат: Литија како сигнал за нова православна политика

Во руската престолнина пред извесно време се одржа голема православна литија по повод верскиот празник Собор на московските...

Одбележана 565-годишнината од пренесувањето на моштите на светиот крал Милутин во Софија

Српската и Бугарската православна црква заедно одбележаа 565 години од пренесувањето на моштите на светиот српски крал Милутин...