Дури сега, неколку дена откако десетина православни поглавари почнаа да заседаваат на Kрит, а други четири, кои решија да го бојкотираат соборот, останаа во своите патријаршии, може да се оцени дека во ова православно надмудрување секој си ја постигнал целта.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј може да биде задоволен најмногу затоа што успеал во тоа соборот да не биде одложен. Навистина, силен беше притисокот на четирите цркви тој да се откаже и одржи во некоја, сигурно далечна, иднина. Доколку се одложеше, јасно ќе беше дека црковната Москва го зела главниот збор во православието и оти без неа ништо важно не може да се случи.
И затоа јасно беше дека Вселенската патријаршија мораше да направи се да не се случи одложувањето. За таа цел, не треба да се има дилеми, сигурно биле активирани и сите духовни и световни врски за да се осигури доаѓањето на православните поглавари. Оти актуелниот судир, колку и да се објаснува како „руско- грчки“ судир во православието, сепак, е повеќе од тоа. Затоа што е очигледно дека „грчкиот блок“ на цркви ги опфаќа црквите што се во државите што не прифаќаат и имаат отпор кон руската црковна и државна доминација и ширење на влијанието.
Поточно, конфронтацијата ги има сите карактеристики на судирот меѓу Русија и Западот, кој е персонифициран во ликот на вселенскиот патријарх и која е сублимирана во борбата каде во иднина ќе биде центарот на православието. Kога се води така важна битка, јасно е дека не смее да се дозволи да се доживее пораз што ќе беше очигледен ако соборот не почнеше.
Со тоа што почна и што се одржува, блокот на прозападните православни цркви може да биде задоволен со тоа што успеал да не и дозволи на Москва да ја постигне зададената цел. А дали како победа може да се смета тоа што се собрале само десет цркви, што четири ги нема, што големо православно мнозинство во поглед на бројот на верниците не се застапени таму, тоа сега е помалку важно.
За тоа ќе се разменуваат обвинувањата, ќе се убедуваат дали православната црква е федерација на цркви или е една црква, и секој ќе си остане при своето. Руската, бугарската, грузиската, антиохиската црква, пак, можат да бидат задоволни со тоа што успееја да покажат дека се фактор и група без која не ќе може да се каже дека соборот успешно си ја завршил работата и оти неговите одлуки ќе бидат почитувани од сите. Тоа, извесно, значи дека по Kрит сега ќе треба да се пристапи кон организирањето на новиот собор на кој, нели, ќе треба да се надминат сите пројавени недоразбирања и проблеми.
Уште сега може да се претпостави дека силен ќе биде притисок таквиот собир да се организира во Русија. Дали ќе успеат во тоа, ќе се види во наредните години, но јасно е што ќе значи за позициите во православието фактот дека, ете, на Московската патријаршија и успеало да ги помири сите страни. Поголем доказ за тоа дека руските владици имаат решавачки збор нема да има.
Но, не треба да се имаат илузии околу тоа дека прозападните православни цркви предводени од Вселенската патријаршија толку лесно ќе прифатат работите да се одвиваат по такво сценарио и план за востановување на Третиот Рим во христијанството. Односно, уште сега може да се каже дека подготовките за еден таков сеправославен собор ќе бидат поприлично комплицирани и оти ќе има многу опструкции. Оти, зошто, на пример, вселенскиот патријарх да прифати дека бил домаќин на неадекватен и половичен православен собор и оти сега ќе треба да оди во некој руски духовен центар каде што, ете, ќе се покаже дека на рускиот патријарх му успеало да ги обедини православните цркви.
Значи, односите, амбициите и стратегиите на православните цркви станале очигледни и секоја од нив потезите ги влече водејќи сметка најмногу за земските интереси. Така излезе и со Српската православна црква, која беше во најнезавидна улога, бидејќи мораше да избира на која страна ќе се приклони.
Српската и другата јавност виде какви контроверзни одлуки носеа српските владици – од тоа да се бара одложување и да не се оди на Kрит, па се до експресното менување на одлуката. На Kрит српските владици отидоа со ставот дека ќе го напуштат заседанието ако не се расправа за барањата на црквите што бојкотираат.
А на почетокот на соборот српскиот патријарх тие проблеми ги нарече само како „мало облаче за кое се надева дека ќе исчезне со сјајот на сонцето“, воопшто не спомнувајќи некакви барања и условувања за натамошно учество.
Тоа е поприличен сигнал дека српските владици ќе останат до крајот на заседанието, а што ја открива нивната политика на седењето на два стола – на едниот со големите пароли за вечното пријателство со словенските браќа по крв Русите и на вториот со западните пријатели во чие друштво олицетворено во ЕУ се сака да се внесе и Србија.
Црковната политика е идентична со политиката на српските државни власти и руските реакции допрва ќе треба да се видат. Поедноставно кажано, на и во врска со православниот собор сите актери направија с` и го постигнаа она што можеа во одреден момент. Прашање е само дали сето тоа може да се смета и како победа на православието. Тешко.
Бранко Ѓорѓевски – (ДНЕВНИК)

