Руската православна црква изрази загриженост поради тензии меѓу властите и Ерменската црква

Date:

Share post:

Руската православна црква соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради продолжувањето на конфронтацијата меѓу ерменската влада и Ерменската апостолска црква. Ова било истакнато на средба одржана во Москва, во ерменскиот храм, меѓу митрополит Антониј од Волоколамск, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, и архиепископ Језрас Нерсијан, поглавар на Ерменската епархија за Русија.

Архиепископот Језрас, кој е брат на католикос Карекин II, ја информирал руската страна за актуелната состојба во Ерменската црква и изразил благодарност за, како што било наведено, покажаната солидарност од Московската патријаршија.

Од името на Руската православна црква, митрополитот Антониј оценил дека станува збор за обид на ерменските власти „грубо да се мешаат во црковните работи“ и предупредил дека секој обид за „создавање раскол меѓу верниците“ е неприфатлив. Воедно, тој изразил поддршка за архиепископот Језрас.

Средбата предизвика остри реакции во Ерменија. Потпретседателот на парламентот, Рубен Рубињан, ја оцени како „уште една мисија на агент на КГБ“, обвинувајќи го католикосот Карекин II дека преку својот брат повикува странски цркви да се мешаат во, како што наведе, работите на независната Ерменска црква. Во јавноста повторно беа изнесени барања за отстранување на Карекин II од функцијата.

Кон крајот на 2025 година беа објавени документи од Ерменската служба за национална безбедност во кои се тврди дека архиепископот Језрас соработувал со советската тајна служба КГБ во периодот 1986–1988 година. Архиепископот ги отфрли овие обвинувања како лажни.

Тензиите меѓу владата и Ерменската апостолска црква продолжуваат, при што премиерот Никола Пашињан јавно изјави дека ќе ги искористи сите законски средства за отстранување на Карекин II, кого го обвинува за узурпација на црковната власт. Владините претставници, од друга страна, негираат дека постои прогон на свештенството.

Министерот за надворешни работи, одговарајќи на прашања во Советот на Европа, изјави дека нема системска репресија врз црковните лица и дека приведувањата на неколку високи свештеници се поврзани со конкретни обвиненија, вклучително и повици за насилни дејствија против државното раководство.

Според официјалните податоци, од јануари досега во Ерменија се уапсени четворица високи свештеници, а спорот меѓу државата и Црквата останува едно од најчувствителните прашања во ерменскиот јавен живот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img