Потпишан е договор за изградба на џамија во Атина од страна на надлежното министерство и фирмите изведувачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Со одредби на владата, за проектот на џамијата е потпишан договор од страна на конзорциум којшто го сочинуваат четири големи фирми и Министерството за инфраструктура, транспорт и врски, и се очекува изградбата да заврши во април 2017 година.
Соопштено е дека џамијата, којашто ќе биде финансирана од страна на грчката Влада, ќе чини околу 887 илјади евра. Последниот законски пропис со кој се одобрува изградба на џамијата, беше изгласан во август, во грчкиот Парламент.
Атина е единствениот главен град во Европа што нема џамија. И покрај постоечкиот план според кој одлуката за изградба на ваков објект е донесена уште пред 10 години, поради правни забелешки и бирократски пречки, таа сѐ уште не е започната.
Во атинското предградие Вотаникос, во населбата Елеона, на еден плац од 17 ари којшто е сопственост на грчките поморски сили, еден стар воен хангар ќе биде претворен во џамија без минаре.
Одлука за изградба на џамија во Атина за првпат била донесена во 1976 година. И покрај тоа, поради реакциите од страна на верските фанатици кои припаѓаат на екстремно националистички кругови, проектот постојано е одложуван.

