Српската и Бугарската православна црква заедно одбележаа 565 години од пренесувањето на моштите на светиот српски крал Милутин во црквата „Света Недела“ во Софија.
Со Светата Литургија началствуваше патријархот Данило, во сослужение со митрополитот Иларион, митрополитот Арсениј, епископот Герасим, епископот Јован и епископот Василиј, како и со свештенство од двете помесни цркви.
Во својата беседа, патријархот Данило им го честита празникот на присутните и истакна дека моштите на Светиот крал повеќе од пет и пол века претставуваат место на духовна утеха и поткрепа. Тој им заблагодари на архиереите за заедничкото служење и за сведоштвото на братската љубов помеѓу двата народа.
Во име на српскиот патријарх Порфириј, митрополитот Арсениј му се заблагодари на патријархот Данило за поканата за заедничката литургиска прослава, нагласувајќи дека единството во молитвата и во Светата Чаша сведочи за силата на православната вера и за заедништвото на двете цркви.
По завршувањето на Литургијата, моштите беа свечено пресоблечени во олтарот над Светата Трпеза, по што следеше величествена литија по главните улици на Софија, која заврши со враќање во храмот „Света Недела“. На крајот, патријархот Данило произнесе молитва на колена за мир и духовен напредок на бугарскиот и српскиот народ.

