Жители и верници во селото Деренеу, во Молдавија, на 27 јануари спречија обид за преземање на храмот „Успение на Пресвета Богородица“, кој припаѓа на Молдавската православна црква (при Руската православна црква), од страна на претставници на Бесарабската митрополија при Романската православна црква.
Според соопштението на секретарот на Епархијата Унгени и Ниспорени, свештеникот Вадим Коростински, поранешен свештеник во селото, во текот на ноќта насилно влегол во храмот, ги исклучил безбедносните камери и го заклучил објектот, по што наутро била повикана полицијата. Подоцна пристигнале свештеници од Бесарабската митрополија од повеќе региони, но локалното население го блокирало нивниот влез, по што храмот останал затворен.
Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон, остро реагираше, оценувајќи го настанот како „ црковно киднапирање“ и побара итен прекин на притисоците врз верниците, заштита на храмовите и одговорност за инволвираните лица.
Од Бесарабската митрополија, пак, тврдат дека нивните постапки се законски и се повикуваат на судски одлуки. Според нив, храмот од 2019 година се наоѓал под договор за користење со парохија поврзана со таа митрополија, а за инцидентот ја обвинуваат група локални жители кои, како што наведуваат, насилно влегле и ги оштетиле бравите.
Спорот околу храмот трае со години и започнал откако мнозинство од парохијаните на референдум се изјасниле за премин од Молдавската православна црква кон Бесарабската митрополија. Случајот бил предмет на судски постапки од 2019 година, кои завршиле со одлука на Врховниот суд против барањата на Молдавската православна црква за сопственост.
Претставници на Молдавската православна црква истакнуваат дека при последниот обид за влез немало судски извршител ниту валидни документи за присилно отворање на храмот, и наведуваат дека ова е трет обид за негово преземање. По настанот, верниците одржале благодарствена богослужба во чест на оние кои го заштитиле храмот.
Во последните години, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година, Молдавската православна црква се соочува со зголемени притисоци, вклучително и политички повици за нејзина забрана и повеќе случаи на спорови околу храмови.

