Наместо Лајк – Амин. Наместо музички хитови- црковни песни, наместо новинарски наслови – цитати од Библијата. И Српската православна црква има своја социјална мрежа. Не толку масовна како Фејсбук и Твитер, но неопходна, пишува белградскиот дневен весник „Курир“.
-Сметаме дека мисионерството на интернет е многу ефикасно и носи многу плодови, а да се биде слеп и нем на тој простор не носи ништо добро, вели Александар Милојков, вероучител и основач на социјалната мрежа, црква.нет.
Основачите велат дека на интернет има толку многу информации и дека ако црквата „не го посее тоа што треба, некој друг ќе сее нешто друго. Идејата е таа да функционира исто како Фејсбук и твитер.
Прво треба да се направи свој профил на црква.нет, па потоа објавувате и на црковен начин се изразувате ако нешто ви се допаѓа.
Засега мрежата има над 2000 корисници.
-Наместо лајк го имате она познатото амин, сакаме да бидеме оригинални, вели Милојков.
За учество на мрежата важат правила на однесување како и на другите мрежи без вулгарности, а и верската определба не е важна, можат да се зачленат сите па и атеисти.

