Меѓурелигискиот совет на Албанија, составен од пет верски заедници: Муслиманската заедница на Албанија, Православната автокефална црква на Албанија, Собранието на римокатолички епископи на Албанија, Светскиот центар на Бектешите и Евангелската братска заедница на Албанија, изрази загриженост од нацрт-законот „За еднаквост на половите“ во Албанија, сметајќи дека одредени членови и дефиниции во нацрт-законот доаѓаат во судир со теолошките начела и традицијата на албанското семејство. Советот посебно ја акцентира дефиницијата на поимот „пол“ како концепт што ги опфаќа сите, употребата на поимите „родов идентитет“, „родов израз“, како и сите други членови што се однесуваат на тоа, создаваат правна нејасност и простор за погрешни толкува
-Верските заедници во Албанија ја ценат важноста на еднаквоста во општествената интеграција и избегнувањето на дискриминацијата, бидејќи тоа го одразува еднаквото достоинство што сите луѓе го имаат пред Бога, стои во заедничкото соопштение.
Како што се наведува во соопштението за јавност на Советот, верските заедници ја нагласуваат важноста на традиционалното семејство кое се темели на два биолошки пола: машко и женско. Поради тоа тие бараат да се прецизира дефиницијата на поимот „пол“ во нацрт-законот, поврзувајќи го јасно со полот што се утврдува при раѓање – маж, жена, девојка, момче – во согласност со начелата на еднаквост и недискриминација.
-Верските заедници отсекогаш ги поддржувале напорите на Албанија за усогласување на законодавството со директивите на Европската Унија. Традиционалното признавање на два пола не претставува пречка за овој процес – факт што се одразува и во практиките на повеќето земји-членки на ЕУ, кои и понатаму користат бинарна дефиниција на машко-женско. Со желба овие грижи да бидат земени предвид од одговорните институции, Меѓурелигискиот Совет ја потврдува својата посветеност на дијалог и соработка за изградба на праведно, еднакво и безбедно општество за новите генерации, вкоренето во верата во Бога, стои во реакцијата.

