Крунисуваме дело кое треба да биде постојан сведок за нашата православна вера

Date:

Share post:

Проповед на Г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски, Марово 2016, мало осветување на храмот „Успение на Пресвета Богородица“

Денес нè собра прекрасен повод: осветување на овој прекрасен дом Божји, на овој храм посветен на Мајката Божја, на нејзиното сечесно успение. Гледајќи го ова место и, уште повеќе, стоејќи на ова место, не можеме, а да не ја почувствуваме неговата светост, да го почувствуваме велелепието, убавината, хармонијата. И воскликнува срцето, зашто не може да замолчи пред очигледниот факт – дека сѐ е дело на најинзвонредниот Уметник, на Оној Кого со право Го нарекуваме Создател.

4Гледајќи го, пак, овој прекрасен храм, мал по големина, но голем во хармонијата и убавината, ќе речам: Колку се многубројни делата Твои, Господи! Сѐ си направил премудро (Пс. 103, 24). Зашто и во ова дело, иако на човечките раце, се гледа Божјиот прст. Можеме ли да речеме дека сами градиме, без Бога? Па ако Господ не ни го дал и дарот и можностите, ако не го благословил делото на нашите раце, тогаш ниту ќе успеевме, ниту пак нашето дело ќе опстои.

Неслучаен е нашиот собир тука. Се најдовме во крајот од нашата држава, кој изобилува со уникатност во многу погледи – и духовен, и културен, и архитектонски, и неимарски, и фолклорен…. Значи, со градењето и осветувањето на овој храм, ние продолжуваме една долга традиција на нашиот народ од овој крај на македонската земја.

Нашиот народ отсекогаш, откако името Христово е прифатено од нашите прадедовци, откако крстот Христов стана нашата сила, утеха и надеж, градел во слава на Бога и на Неговите светии. Македонија е преполна со остатоци од ранохристијански базилики, како оние во Стоби, Баргала, Хераклеа, Охрид, Скупи… Средновековните манастири, како Велјуса и Водоча, „Свети Пантелејмон“ во скопско Г. Нерези, во Курбиново на Преспа, на Трескавец и Варош – Прилепско, Лесновскиот, Марковиот и Слепченскиот манастир, како и многуте храмови од тој период – „Св. Софија“, „Св. Богородица“, „Св. Јован Канео“ и многуте други, како градбите подигнати во преродбеничкиот период, особено во овој рекански крај на нашата земја, се јасен израз на нашето богољубие и црквољубие, но и аманет за нас, современите генерации, да продолжиме да градиме и создаваме во името Божјо. Затоа, ќе повторам, собрани денес, на овој свештен собор, крунисуваме едно дело – кое ќе се вгради како неоткинлив дел од македонската духовна и национална историја. Крунисуваме дело кое треба да биде постојан сведок за нашата православна вера и нашата традиција во овој маченички македонски крај, во оваа македонска голгота. А храмот ќе биде тоа доколку не го заборавиме, доколку го посетуваме и се молиме во него, доколку служиме и присуствуваме на светите Литургии…

7Кога нешто се твори, секогаш треба да се твори од љубов. Особено кога градиме храм, треба да знаеме дека тој е нашата сопствена, па и жртвата на нашето семејство пред Бога, наш дар на нашата Светиклиментова Македонска црква. Не градиме храм за сопствена своина, туку градиме за да го предадеме на нашата Црква – зашто само при неа, при нашата духовна мајка, тој во целост ќе биде храм и ќе ја има својата вистинска намена. Така, со чест ѝ се оддолжуваме на Црквата за нејзината грижа и љубов во минатото – за тоа што ја сочувала духовната и национална еднобитност на нашиот народ.

Бог да го благослови ова дело. Од името на свештенството и верниот народ на Тетовско-гостиварската епархија, му благодарам на ктиторот на овој храм – г. Маријан Стоименов, што помогна и принесе на Бога, во овј наш богоблагословн простор ваква убавина. Храмот е специфичен по многу одлики – тој е во руски стил, со архитектонска изведба, можеби не толку честа во нашата земја, но која зрачи со радост и хармонија, со слава за Бога. Господ да ве благослови, чесен ктиторе, за вашето дело, да го благослови вашето семејство и сите оние кои се вградија во оваа македонска духовна приказна. Пресвета Богородица, нека ве спаси со своето застапништво пред Бога!

Нека е на многаја лета!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img