„Еве, ви соопштувам ГОЛЕМА РАДОСТ, која ќе биде за СИТЕ ЛУЃЕ; зашто денес се РОДИ во градот Давидов СПАСИТЕЛ, МЕСИЈА (Христос) и ГОСПОД“. (Лука. 2, 10 – 11)
Нашиот небесен Отец и Творец како спасителен ДАР, преку Светиот Дух и пречистата девојка Марија (Богородица), ни го испрати во овој наш отпаднат и од гревот потемнет свет својот единороден и совечен Син, нашиот Господ Исус Христос.
Синот Божји, ЗБОРОТ (Словото/ Логосот), Кој е совечен во вечноста со својот беспочетен Отец и Светиот Дух влезе во времето и просторот на нашиот свет како вистински ЧОВЕК, но во исто време Тој не престана да биде и Син Божји, односно БОГ затоа што Тој во вечноста ја споделува истата божествена природа со својот Отец и Животодавниот Дух Свет.
Во Вителеем нашиот СПАСИТЕЛ се роди како вистински човек, како долгоочекуван Месија за кој претскажуваа старозаветните пророци! И како таков Тој ја започна мисијата за која беше даруван на отпаднатото човештво. Тој започна ДА НЕ ОСЛОБОДУВА од она што со илјадници години не држи во духовно ропство, започна да не ОСЛОБОДУВА од сатанското ропство, злото, гревот, незнаењето, духовната и телесната смрт!
Непроценлива е вредноста на ДАРОТ што ни го даруваше нашиот небесен Отец. Секој што го запознал тој ДАР и самиот му се дарувал на ДАРОТ најдобро разбира што тоа значи. И од таму е љубовната радосна потреба плодот од нашето дарување на ДАРОТ да го даруваме со сите оние кои се жедни и гладни за ПОДАРОК!
Движењето за организирана духовна обнова на Македонија „ДОДОМА“, односно, сите негови членови и активисти за овогодишниот БОЖИК на сите жедни и гладни за ПОДАРОК им дарува дар од себе. Тој дар се состои од десет мали подароци собрани во еден голем подарок наречен ЦИКЛУС ЕМИСИИ посветени на темелните вистини на православната христијанска вера и духовност „УЧИЛИШТЕ ЗА ЖИВОТОТ“.
Во овој подарок вие можете да ја вкусите вистината за:
- Во Кој и Каков Бог веруваат православните (ортодоксните/ правоверните) христијани?
- Бог – Творец на се што постои во сите димензии на постоењето
- Од каде и што е Доброто и од каде и што е Злото?
- Промислата Божја за спасение на светот во времето на Стариот Завет
- ХРИСТОС (Месијата), очекуваниот Спасител, одговор Божји на отпаднатиот свет
- Откупителната Крсна жртва и Воскресението – победа над злото, гревот, смртта и сатаната
- Црквата – заедница на Новозаветниот народ Божји
- Светите Тајни на Црквата –
учество во Откупителната Крсна жртва на Месијата во силата на Духот Свети и вовед во процесот на остварувањето на нашето спасение - Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век
Браќа и сестри благословено вкусете го нашиот подарок зашто истиот е направен со голем труд и љубов за сите вас. Да, можеби сме можеле да направиме и подобар подарок за вас, но колку ни беа силите – таков е и подарокот. Се надеваме дека наскоро ќе подготвиме и други подароци за сите кои се жедни и гладни за вкусна, но и здрава духовна храна! Овој наш подарок до вас слободно подарувајте го и како ваш подарок до сите оние кои сакаат да се запознаат со спасителната вистина на ДАРОТ што ни беше испратен од небесата, нашиот возљубен Господ и Учител Исус Христос.
Слава и благодарност до Оној кој ни го дарува ДАРОТ и до Духот Свет кој ни овозможува со својот љубовен дар да го запознеме ДАРОТ и да бидеме Негови ученици во Неговата Црква.
Ваши во Христа, браќа и сестри, од Движењето за организирана духовна обнова на Македонија „ДОДОМА“
Пишува: презвитер Ивица Тодоров


Цело време убаво си проповедате за Спасител и спасение и сега одеднаш откуп – откупителна крсна жртва. Од кого н`е откупува Оној што има неограничена власт? Не верувам дека такво нешто постои во Православната теологија.