Над 3500 новогодишни пакетчиња беа поделени денеска на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во рамки на големата хуманитарна манифестација организирана од Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балкан Медиа“, со поддршка на Општина Охрид, Дебарско-Кичевската епархија и општествено одговорни компании.
Митрополитот Георгиј, заедно со граданачалникот пакетчиња им ги поделија на дечињата од охридската градинка, на првачињата од сите основни училишта од Охрид и на дечињата со посебни потреби.
-Ваквите моменти не потсетуваат колку е важно да бидеме заедно, сплотени и хумани, особено во празничниот период. Општина Охрид останува силно посветена на активности и настани кои имаат вредност за нашата заедница и кои носат надеж, топлина и поддршка, онаму каде што е најпотребна. Во духот на големиот христијански празник „Свети Никола“, симбол на добрината и верата, заедно со Македонската православна црква-Дебарско кичевска епархија, Здружението за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите „СОС Балкан Медиа“ и низа општествено одговорни компании од регионот, испраќаме порака на љубов и солидарност, изјави градоначалникот Кирил Пецаков.
Покрај новогодишните пакетчиња, хуманитарната акција опфаќа и дистрибуција на 100 социјални пакети наменети за ранливи категории граѓани и посета на Болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо Охрид“. Новина оваа година е посетата на Општина Дебарца, каде во основното училиште во Белчишта ќе бидат посетени најмладите ученици и ќе им бидат доделени пакети со подароци.
На градоначалникот Кирил Пецаков му беше врачаено Признание за трајни вредности и посебен придонес на Општина Охрид во областа на хуманизмот. Признанија за трајни вредности им беа доделени на Архимандритот Нектариј игумен на манастирот „Свети Наум Охридски“, Горан Јошеки и Илкер Мустафа. Покрај признијата за трајни вредности беа доделени и 5 повелби за трајни вредности и 28 повелби за хуманизам на општествено одговорни компании и поединци.

