Грчката влада разгледува можност за ограничување на бурката

Date:

Share post:

Грчкиот министер за миграција и азил Танос Плеврис разгледува две можни сценарија за евентуално ограничување на носењето бурка во земјата, тема што веќе беше отворена и во парламентот.

Според информациите, владата не го третира прашањето како масовна појава, туку како тема поврзана со човековите права, особено со можната присила врз жени и малолетни девојчиња.

Заменик-министерката Севи Волудаки, по насока на министерството, спровела увид во центрите за сместување што се под надлежност на ресорот, при што биле водени разговори и со жени кои носат бурка. Од тие разговори, според извештаите, произлегло дека бројот на вакви случаи е мал, но дека кај дел од жените и девојчињата постои притисок од нивната средина целосно да го покриваат лицето, од страв од осуда или напади од мажи од истата заедница.

Во моментов се разгледува сценарио евентуалната забрана да се однесува само на објекти и установи под надлежност на Министерството за миграција, како и на училиштата, и тоа исклучиво за малолетни лица. Второто сценарио предвидува поширок опфат, односно забраната да важи и во јавните установи, но повторно само за малолетнички.

Образложението и во двата случаи е поврзано со прашањето на слободната волја: едно дете самостојно да одлучи дали целосно ќе го покрие лицето, особено кога таквата практика не е вообичаена кај неговите врсници.

Од Министерството нагласуваат дека дебатата не се однесува на марамите што го оставаат лицето откриено, туку исклучиво на целосното покривање на лицето, како што е случај со бурката или никабот.

Прашањето има и дополнителна чувствителност во Грција поради муслиманското малцинство во Тракија, кое државата го третира како верско малцинство во рамките на меѓународните обврски што произлегуваат од Лозанскиот договор. Поради тоа, секое можно ограничување мора внимателно да се формулира за да не се сфати како општа интервенција во верското изразување.

Владата, според досегашните сигнали, се обидува темата да ја врзе првенствено со заштитата на индивидуалните права, а не со поширока конфронтација околу религијата.

Во рамките на подготовките, грчките власти ги разгледуваат и моделите што веќе постојат во други европски држави. Франција, Белгија, Данска и Австрија имаат пошироки забрани за покривање на лицето на јавни места, додека Холандија применува делумна забрана во јавен превоз, училишта, болници и државни згради. Во Бугарија, пак, уште од 2016 година постои закон што го забранува целосното покривање на лицето на јавни места.

Засега нема конечна одлука која од двете опции би ја избрала грчката влада. Темата останува отворена, а конечниот пристап ќе зависи и од политичката проценка, и од европската правна практика.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img