Во четврток, на 6 ноември 2025 година, на Теолошкиот семинар на Кореја (Korea Theological Seminary) во градот Чеон-Ан, беше одржана голема теолошка конференција по повод 1700-годишнината од свикувањето на Првиот вселенски собор. Општата тема на собирот беше: „Символот на Никеја – нашето исповедање“.
На конференцијата, во својство на говорници, учествуваа Митрополитот на Кореја и егзарх на Јапонија, Амвросиј, со тема: „Символот на верата како водич во животот во Христос“. Професорот Yoo Hae-Moo, со тема: „Sola Scriptura? Меѓу Библијата и исповедањето на верата – случајот на Никејскиот Символ“. Професорот Seo Won-Mo, со тема: „1700 години од Соборот во Никеја (325 г.): историски развој и современо значење на преданието на Вселенските собори“;
Професорот Cha Bo-Ram, со тема: „Формирањето на Никејскиот Символ: Воплотување и спасение, богослужение и догма, Светиот Дух и Преданието.“
Конференцијата, која според сите учесници беше беспрекорно организирана во секоја нејзина подробност, ја следеа повеќе од петстотини професори, духовници и студенти.
Во почетокот на своето излагање, митрополитот Амвросиј им ги пренесе на присутните татковските поздрави и благослови на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со најдобри желби за успех на конференцијата.
Тој, исто така, ги извести слушателите за престојниот голем настан по повод 1700-годишнината од Првиот вселенски собор, што ќе се одржи од 28 до 29 ноември во Никеја во Витинија, со учество на Вселенскиот Патријарх, Папата Римски и поглавари на повеќе автокефални Цркви и христијански заедници.
На крајот, митрополитот истакна дека поканата од страна на Вселенскиот Патријарх останува отворена за сите што сакаат да земат учество во ова големо историско случување.
/orthodoxianewsagency

