„Република Македонија е длабоко посветена на борбата против сите форми на дехуманизација и дискриминација на човекот и на негувањето на дијалогот кој е најхомогениот медиум за остварување на разбирањето меѓу народите. Нашите заложби се повеќе од јасни, холокаустот не смее да се повтори, тој треба да биде наша поука, како да ја градиме сопствената иднина, да се залагаме за сочувување на мирот, развивање на демократските процеси во општественото живеење, како да ги унапредуваме човековите права и слободи и ја продлабочиме соработката со соседите, со Европа и со сите земји во светот“. Ова е пораката на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на денешната комеморативна церемонија на која беше обележан 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавањето на жртвите од Холокаустот.
– На денешен ден, пред точно 71 година, кога беше ослободен и злогласниот концентрационен логор Аушвиц, светот се соочи со вистината за една од најтрагичните епизоди во човековата историја – планираната
екстерминација на припадниците на Еврејскиот народ. Сеќавањата и фотографиите на жртвите на Холокаустот, како и на Македонците кои беа сведоци на нивната голгота се и ден-денеска свежи и тие се аманет за сите нас, за сегашните и идните генерации, најдостоинствено да го чуваме и негуваме нивниот спомен и да дадеме свој придонес преку системот на образованието, преку програмската политика на сите медиуми, идеите на слободата и толеранцијата силно да се пропагираат бидејки само на тој начин ние можеме да избегнеме нов холокауст, порача Канческа Милевска.
Таа воедно најави дека Македонија оваа година, по четврти пат ќе биде домаќин на Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која ја промовираше нашата држава како лидер во подготвувањето на глобалната платформа за дијалог меѓу културите и цивилизациите. Потсети и на неколку исклучително значајни проекти кои се потврда дека во земјата се негуваат културите на сите заедници, вклучувајчи ја и еврејската заедница, како што е изградбата на Музејот на Холокаустот, кој по музеите во Ерусалим и Вашингтон е трет музеј во светот и прв во Европа посветен на жртвите на Холокаустот.
Израелскиот амбасадор Ден Оријан истакна дека нема поголема победа кога учениците кои учествуваа на литерартурните конкурси за холокаустот ја раскажуваат приказната за геноцидот на Евреите за таа да не
се повтори никогаш повеќе.
– Ви должиме вам и нам, им должиме на младите поколенија да ги научиме да раскажуваат за тоа што се случило во минатото, за да бидат нови сведоци на холокаустот, рече амбасадорот Оријан.
Од име на Еврејската заедница во Македонија се обрати Александар Петровски, кој нагласи дека Македонија цврсто верува во заложбите на унапредувањето на образовниот процес и истражувањето на холокаустот како што е пропишано во декларацијата од Меѓународниот форум за холокаустот во Стокхолм од 2000 година. – Тој дава конкретни резултати бидејќи Македонија е држава со пониско ниво на антисемистизам од многу други европски држави, рече Петровски.
Со резолуција на Генералното собрание на ОН од 2006 година 27 јануари е прогласен за меѓународен ден на сеќавањето на холокаустот.
Денеска беше отвоена и изложбата „Ана Франк – историја за денешнината”, во холот на МНР. Таа се реализира во соработка со музејот „Куќата на Ана Франк“ од Амстердам и „Младинскиот образовен форум“ од Скопје. Предвидено е таа да патува во 15 градови во Македонија и е дел од регионален проект поддржан од Европската комисија.

