Да не го жалостиме Светиот Дух

Date:

Share post:

Рековме дека, од моментот кога имаме иста, православна, вера и исто, Апостолско Преемство, расколот е само проекција на нашите внатрешни гревовни состојби, проекција на расколот меѓу нашиот ум и нашето срце, како и, следователно, на расколот во односот меѓу Христос со Кого се причестуваме и Христос во нашиот ближен. Потоа, расколот се појавува и како административен раскол или како некакво педагошко несослужување или неспомнување.

Секако, нашиот рационален ум – читај демонот преку него, ќе нѐ повлече да пробаме да најдеме некаква теолошка дупка во кажаново и ќе се обиде да нѐ убеди дека тоа што, евентуално, ќе го најдеме е точно, но никако нема да сака да ни дозволи, ниту можност прво да го освестиме расколот внатре во нас; а тоа требаше да биде аскетски двиг на секој што живее во покајание – до добивање на дарот на умно-срдечната молитва.

Да Му благодариме на Господ дека, сѐ додека преовладува нормалноста во нас читај – Светиот Дух Господ, православните ерарси, посебно поглаварите, непосредно или посредно, не го прекинуваат взаемното литургиско спомнување и сослужување. Што, во случајов, значи терминот посредно? На пример, српскиот поглавар Порфириј или нашиот поглавар дедо Стефан непосредно ги спомнуваат сите други поглавари по ред, а на прво место Вселенскиот патријарх Вартоломеј, но не и поглаварот на Православната Црква на Украина – Епифаниј, но бидејќи Вселенскиот патријарх Вартоломеј ги спомнува непосредно и Порфириј и Епифаниј, сите погоре наведени се и во непосредно и посредно единство, ама сепак единство. Спомнувањето во светата Литургија, не само што ги обединува сите што сега непосредно и посредно се спомнуваат и сослужуваат, туку ја обединува и првата Црква од Ерусалим со есхатолошката Црква во Царството Небесно, како и сѐ и сите помеѓу – по благодатта на Светиот Дух.

Можеби и погоре кажаново нема многу да му значи на човек со непросветлен ум, но ќе наведам и еден Евангелски пример, па, ако и тој не го прифати – да му дадеме кашичка и да се помолиме за таквиот.

Што не знаат или подзабораваат православните? Дека кога ние ќе влеземе во Црква и првпат ќе се причестиме, тогаш ние прво се причестуваме со Богочовекот Христос, а во Него, и помеѓу себе, но секој нареден пат – ние, прво треба да се „причестиме“ меѓу себе, па потоа ќе можеме и со Христос. Еве, како тоа го објаснува Господ во Своето Евангелие: „и така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го дарот таму – пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со својот брат, а потоа дојди и принеси го својот дар“. Дарот сме самите ние – „самите себе еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог да Му го предадеме“. Ако ова не е доволно, еве уште нешто: „доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“. Ако и ова не е доволно, нема да бидат доволни ни сите други наводи од Евангелието, оти: „штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“.

Ова да го имавме предвид, а и малку покајание, никогаш немаше да има административни расколи или педагошки несослужувања. Додуша, не требаше ни никој да е надвор од нашето срце за време на Литургијата, ама…

Мили мои, не Го жалостете Светиот Дух Господ и не Го отфрлајте од вас, не сака Он поделби, не сака заземање на страни, не сака расколи; почитувајте го воспоставениот канонски ред и оставете Го со неизглаголиви воздишки да повикува од вашето срце за спасението на сите: Авва Оче!

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img