Чувајте си ги душите од незнаење и од лажен патриотизам

Date:

Share post:

Напишав за оние што веруваат: инструмент за одржување и негување на црковното единство се светите Собори и светите Канони на Црквата. А посебен и многу важен инструмент за одржување и негување на црковното единство, а понекогаш и за исцелување на долгогодишните рани на Телото на Црквата, е и Првенството по чест во Неа – посебно кога не постојат услови за свикување на Вселенски Собор или додека истиот не се свика…

Првенството по чест на Вселенскиот Патријарх сите треба да го штитиме! Не поради тоа што тој ни се допаѓа или сме блиски со него, туку поради тоа што со тоа го заштитуваме токму единството на Едната Света Соборна и Апостолска Црква. Секогаш мора да се знае кој е прв по чест и во Соборната Црква и во секоја Помесна црква – посебно.

Тргнете го, макар и мисловно Првенството по чест и единството ќе се распадне – и меѓу Помесните цркви и внатре во нив. И секој поглавар треба да го штити Првенството по чест, затоа што така го чува и единството на својата Помесна црква. Затоа и секој поглавар на Помесна црква, на Великиот вход од Светата Литургија, најнапред го спомнува името на Вселенскиот Патријарх – Вартоломеј, па потоа и на останатите поглавари – по ред.

Луѓе, да се разбереме, тоа што јас го потенцирам е: единството на Црквата и единството со Црквата, не нешто друго. И тоа за што секој православен епископ е одговорен и е должен да внимава е единството на Црквата. А, тоа што тоа единство го обезбедуваат Светите Вселенски Собори преку своите одлуки и Канони и што четвртиот Вселенски Собор во Халкидон одредил со својот 28 Канон дека Патријархот на Константинопол ќе има Првенство по чест меѓу останатите Патријаршии, не сум ви јас виновен. Јас, и сите ние заедно, сме должни да ја почитуваме одлуката на Светиот Вселенски Собор – и тоа е наша одговорност пред Бог, а одговорност, пред Бог, на Вселенскиот Патријарх е дали тоа Првенство по чест ќе го употреби за добро на Црквата. Притоа, секој ќе си одговара за себе и своите постапки.

Сѐ додека Вселенскиот Патријарх е православен и сѐ додека друг Свет Вселенски Собор не одреди дека Првенството по чест треба да му припадне на некој друг Патријарх, ние сите сме должни да ја почитуваме одлуката на четвртиот Вселенски Собор од Халкидон, па и самиот Вселенски Патријарх. Она што сакам да го потенцирам е дека: 28 Канон од четвртиот Вселенски Собор со кој се одредува првенството по чест на Константинополскиот – и затоа Вселенски Патријарх, не е од оние Канони што ние како епископи можеме да ги менуваме малку и да ги прилагодуваме според потеребите на Црквата – како на пример: дали ќе ракоположиме во презвитерски чин некој кој не е девствен или чија попадија не е девствена, туку е Канон кој има тежина на догма и кој може само друг Вселенски Собор да го промени. И затоа, поради превасходното и неодменливо значение на овој Канон за единството на Црквата, неговото јавно и свесно непочитување не прави од нас, просто, некакви канонопрекршители, туку еретици – кои сами, без судска одлука, на личен план, си се одлачуваат од Црквата. Ерес е сѐ она што го руши единството на Црквата; самиот поим „ерес“ тоа значи – одделување, отпаѓање од целото. Напразно ви е после и света Четириесетница и молитва и причест.

Е сега, ако јас си ја исполнувам должноста и го чувам единството на Црквата преку почитувањето на Првенството по чест на Вселенскиот Патријарх, тоа не значи дека јас или некој од епископите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ќе се откаже од нашето уставно име. Едно е првото, а сосема друго второто; не знам зошто од напад на лажен патриотизам или од незнаење ги мешате работите? Ние со Вселенската Патријаршија одамна се договоривме дека во меѓусебната црковно-литургиска комуникација ќе го користиме нашето суштинско име – Охридска Архиепископија и толку. Не станува ни збор, од пастирски причини, ние да го промениме нашето уставно име, ниту тие бараат од нас такво нешто – разбирајќи ги нашите пастирски потреби; но и покрај тоа ние сме во канонско и евхаристиско единство со нив – благодарејќи на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и неговата одлука од 2022 година. А вака, автокефални, сме си од 1967 – според нашиот црковен Устав – единствен важечки правен акт за нас!

Со каков правен акт другите Помесни цркви ќе одлучат да влезат во единство со нас – нивна одговорност пред Бог. Не знам веќе колку пати го имам напишано ова. Треба да е некој стварно малоумен или демоноопседнат, па ова да не му е јасно. Од мене – толку, другото – со Господ.

И запамтете: недозволиво е заземање на страна при одредени црковни судири, тоа е демонска замка. Воспоставениот црковен ред го почитуваме, но страна не заземаме, туку строго го чуваме единството на Црквата. Заземањето на страна, само по себе, е отпаѓање од благодатта на Светиот Дух и демоноопседнатост; како и злото што потоа следува.

Чувањето на единството на Црквата е благословен подвиг што вонредно ја привлекува Божјата благодат на нас!

Чувајте си ги душите од незнаење и од лажен патриотизам. Знам и дека не може секој да ме сака, ниту тоа за мене е корисно и пофално, но и за тоа немате многу време; подобро, фокусирајте се на напишаното, може ќе се освестите и ќе се спасите – и овде и таму. Не ставајте ништо пред Бог и пред единството со Него – во Црквата; тоа на кое што ќе му дадете предимство во својот живот пред Бог, тоа е идол, а вас ве прави идолопоклоници и отпадници од Бог – ма што и да е тоа!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img