Божикно интервју со Митрополит Пимен: До промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста

Date:

Share post:

Европската епархија на МПЦ-ОА, беше една од најктивните во изминатава 2025 година, каде верниците во Европа се органзираа околу помош за настраданите во кочанската трагедија. Каде завршија собраните средства, како се распределени, во божикното интервју за Прес 24, зборува надлежниот митрополит Пимен.

-Со Супорт Кочани бевме во постојан контакт за да ни посочуваат кога и за што има потреба најоптимално да се распоредуваат тие средства. Исто така беа остварени и неколку средби со претставници од здравствениот дом од Кочани. Така се случи првата погоре спомната донација од 40.000 евра за комресивна облека. Со оделот за физиотерапија од ЗД Кочани и Пониква договоривме дел од средствата да бидат употребени за набавка на апарати за физикална терапија кои ќе се употребуваат при рехабилитацијата на повредените, што и беше направено на 10.11.2025 г. и се употребија за таа набавка вторите 44.775,66 евра од нашиот фонд. Останатите 41.100 евра беа распоредени на сите оние 137 лица кои се на списокот за приматели на финансиска помош преку Супорт Кочани. Откако беа потпишани договорите со Супорт, уплатата е извршена на ден 24.12.2025 г. На овој список од 137 приматели има неколку семејства на погинати младинци, повредени со различни степени на повреди и 19 лица кај кои опоравувањето ќе биде долго и прилично скапо. Поради тоа како фонд одлучивме, оние средства што дополнително беа собрани од добротворниот концерт на Каролина Гочева што се случи во јуни месец во Мајнц, на прославата по повод јубилејот од 10 години од осветувањето на храмот “Свети Никола” во Мајнц, (станува збор за 6.000 евра) и дополнителни преостанати 4.340 евра, рамноправно да им се разделат на овие 19 повредени, вели отец Пимен.

Митрополитот на МПЦ-ОА во интервјуто зборува за предизвиците со кои се соочува МПЦ-ОА, особено на планот на растот на вештачката интелегенција. Зборува и за внатрешните состојби во МПЦ-ОА.

Зошто повеќе не е активен на социјалните мрежи. Дали МПЦ-ОА ги гиби младите. Отец Пимен е дел од владиците кои сметаат дека процесот на признавање на автокефалноста не е целосно завршен, па во интервјуто зборува и за плаонвите на Црквата за ова прашање, како и за обвинувањата за руско влијание.

-Стратегијата е јасна, ќе се чекори по патот до конечното решавање на статусот со сите православни Цркви. Нашата комисија за разговори и преговори со останатите православни цркви во овој момент е возглавена лично од нашиот поглавар, Архиепископот Стефан на кого му веруваме и му даваме безрезервна поддршка во изнаоѓањето на конечно решение. Тука сме и да го заштитиме при одлуките за отфрлање на непристојни предлози со кои би си наштетиле како Црква, вели митрополитот Пимен, во божикното интервју за Прес 24.

ПРЕС24: На црковен план МПЦ ОА останува во статус кво состојба во однос на позициите во Православниот свет. Автокефалноста се сведува на сослужување со два тројца владици на СПЦ, исто толку со БПЦ, по еден владика од грчката и црквата на Чешка и Словачка. Има ли МПЦ ОА јасна стратегија што понатаму?

М.ПИМЕН: Свесни сме дека процесот на признавање е почнат и функционира на терен, но не и целосно завршен. Но, не по наша вина. Тоа е поради нерешеното прашање на православната екумена кој кого и како признава. Отворено прашање, отворен проблем. Пред ден два добив прашање колку Томоси ни требаат. На погрешно место беше поставено прашањето. Тоа не се прашува оној кој добива Томос, туку за тоа треба да се договорат оние кои даваат, нели? Но, сепак убаво е тоа што веќе сослужуваме скоро насекаде, па ја сведочиме живоста на нашата црква каде што гостуваме, а кога имаме гости во преполните цркви ја покажуваме и ја сведочиме  и оправданоста на нашето засебно постоење како една од помесните цркви. Стратегијата е јасна, ќе се чекори по патот до конечното решавање на статусот со сите православни Цркви. Нашата комисија за разговори и преговори со останатите православни цркви во овој момент е возглавена лично од нашиот поглавар, Архиепископот Стефан на кого му веруваме и му даваме безрезервна поддршка во изнаоѓањето на конечно решение. Тука сме и да го заштитиме при одлуките за отфрлање на непристојни предлози со кои би си наштетиле како Црква. Исто така и нашиот митрополит Петар како претседател на отсекот за односи со останатите православни цркви, не седи со скрстени раце. Често патува. Па така и преку комисијата и преку отсекот постојано се остваруваат нови и нови средби и се црпат нови сознанија и искуства.

ПРЕС24: Пред години бевте сериозен критичар на политички текови, потоа поддржувач на некои политички процеси… сега сте политички тивок. Зошто?

М.ПИМЕН: Некој некогаш рекол дека песимист е всушност оптимист со искуство. Да, пред повеќе од една деценија со развојот на социјалните мрежи се обидов да покажам дека црквата по дифолт не треба да е само приврзок на власта, а храмот објект во кој во изборните спотови кандидатите ќе запалат свеќа за да ја промовираат својата побожност, а пак свештенството декор при поставување камен темелници, туку непристрасен критичар на погрешни политики, морални застранувања… Правото на свое мислење и размислување во демократските општества е едно од основните човекови права. Не само на поединецот туку и на институциите. Ние како Црква не сме извршна власт, не можеме да вршиме притисок врз другите институции со закани, со протести и немаме други механизми освен да го изнесеме своето мислење и ставот на црквата по некои прашања. Тоа секако не треба да се сфаќа како лична војна кон поединци, ниту како војна против власта. Но сепак беше тоа сфатено како моја лична воља да ја рушам тогашната власт, по што следеше канонада обвинувања и дисквалификации против мене. Не отстапив под тој притисок. Отстапив во моментот кога ми се потврди правилото дека до промени не се доаѓа преку промена на личности, туку преку внатрешната промената на личноста. Власта се смени, навиките и страстите останаа исти. По промената на власта, за жал, немаше нешто да се пофали. Замолчав. Потоа почна да тоне и таа власт, па беше глупаво, од една страна на мртов волк да се вади кубура, а од друга страна пак ако пофалиш опозиција во залет ќе испадне дека се додворуваш, дека се редиш во редот за баци рака. И онака мојата епархија е надвор од Македонија, а јас сум почесто надвор отколку тука, па ниту нешто добивам, ниту губам. Мене и онака ми останува борбата со ветерниците и етикетите залепени послем плукањето, а секој друг потоа побрзо се зближува со власта и ги поминува своите проекти. До душа и модата и влијанието на ФБ се промени, а мене ми се зголемија обврските со патувањата, а и годините ми се за понестресни ситуации. Плус на сѐ ова ако се додаде дека наивно поверував дека со референдумот ја скокаме последната препрека на патот кон НАТО и ЕУ, која испадна дека само пола ја преминавме, едноставно немам кредибилитет за давање политички совети.

ПРЕС24: Како функционира МПЦ ОА последните две три години, откако беше активирано телото за редовен и полн синодски состав?

М.ПИМЕН: Лично според мене, во погрешен момент е донесена таа одлука за скратување на работниот состав на Синодот. Во последниве три години после прифаќањето на МПЦ-ОА во единството на православните  Цркви, мношто информации за нашето прифаќање или резервираност, именувањето од страна на другите цркви, посети или патувања на наши делегации, ние кои што не сме членови на Синодот сега ги дознаваме од медиумите. А од друга страна сме веќе многу архиереи и неколку викарни епископи и едноставно нема кај да се собереме сите, да се видиме, да се помуабетиме, да споделиме информации. Но сепак, пак ќе речам тоа е лично мое мислење, а одлуката ја донело мнозинството и се повинувам на таа одлука и ја почитувам.

ПРЕС24: Чинам дека има една парадоксална ситуација во Црквата изминативе три години. На пример се случи големото обединување со ПОА, само по себе тоа е меѓусебно простување. Дел од тие луѓе напредуваат, учествуваат во градењето на црквата, имаат епархии, но од друга страна, МПЦ ОА не успева да реши други прашања кои остануваат отворени, на пример статусот на Архимандритот Гаврил, статусот на одредени свештеници кои беа под удар на некои владици. Не е ли тажно на условно туѓите да им дадете простор, а на оние своите, кои во најтешките години за црквата го носеа крстот, да вежбате демократија?

М.ПИМЕН: Ова размислување не го слушам првпат. Некогаш од загрижени верници кои сострадуваат со своите духовници, а некогаш чисто на мајтап од луѓе кои и не се нешто многу врзани со црквата, но ете впечатокот стигнал и до нив. Не би сакал да споменуваме конкретни личности да не се најде некој заборавен, а некој спомнат за пример, но сепак после големото помирување, како што велите, треба по истиот пример на подавање рака да ги решиме и некои други случаи во нашите редови за да не се почуствуваат отфрлени или заборавени. Не треба секогаш да има трета страна за да нѐ седне на иста маса и да не убеди да си подадеме рака на помирување и сѐ да си простиме и заборавиме. Убаво е тоа, Христијански, не само да се подаде рака туку и да се заврти и другиот образ. И да се продолжи заедно за доброто на Црквата. Некогаш таа трета страна не мора да е од надвор, тука она што ќе нѐ натера да си простиме и да продолжиме одвнатре да е љубовта на која сме повикани од Христа. Верувам, дека личностите кои покажаа смирение и не реагираа по истово прашање со револт, ќе бидат наградени за смирението. Тука секако мислам на оние кои не се огрешиле суштински, догматски и канонски кон Црката, туку едноставно биле само наклеветени неправедно и се избрзало со постапките кон нив, а кои пак никогаш не се до крај и отстранети од клирот и Црквата, туку во смирение си ги исполнуваат послушанието кон Архиепископот, надлежните архиереи и кон верниот народ.

ПРЕС24: Тука го имам предвид и владиката Партениј. Вие владиците како да бегате од него, како да Ви е страв да сослужувате, или по линија на помал отпор да не се замерувате со еден од владиците, работите ги ставате под тепих?

М.ПИМЕН: Не би сакал да Ви го нарушам впечатокот, затоа што на оние заеднички сослужувања за големите прослави на МПЦ-ОА не сте нѐ виделе заедно со викарните епископи, па самото тоа го засилува впечатокот кај дел од народот дека некој има нешто против некого. Јас искрено не сакам да верувам дека тука станува збор за математики, страв или уцени. Секој од нас ја има слободата кој со кого сака и каде сака да се кани и сослужува. Немаме меѓу нас расчинет или суспендиран архиереј за да го избегнуваме на литургиите. А кога веќе сослужуваме, надвор од овие литургии во цел состав на Синодот, со викарните епископи само го потврдуваме тоа дека никој не е лепрозен и отфрлен. И никако не станува збор за линија на помал отпор.

Целото интервју ОВДЕ

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img