На празникот на свети Нектариј Егински, во Александриската патријаршија се одржала свечена Патријаршиска литургија во манастирот „Св. Сава Осветен“, со која чиноначалствувал Неговото Блаженство, Патријархот на Александрија и на цела Африка, г. Теодор II.
Во своето обраќање, Патријархот Теодор говорел за животот и делото на свети Нектариј, епископ на Пентаполи и чудотворец, нарекувајќи го „вечна светлина на утеха за сите што се соочуваат со животните тешкотии“. Тој потсетил дека токму во овој манастир свети Нектариј бил ракоположен во свештенички чин во 1886 година, од тогашниот Патријарх Софрониј IV, што го прави место на историски поврзување меѓу светителот и Патријаршијата. Имено, Патријархот се осврнал и на страдањата што ги претрпел свети Нектариј за време на своето служење во Египет, кога бил неправедно отстранет од служба од Патријархот и Синодот на Александриската Патријаршија, истакнувајќи дека токму преку страдањето и трпението се раѓа вистинската светост. Самата Патријаршија, децении по смртта на светителот, се извинила со јавно објавен томос за нанесената неправда кон свети Нектариј.
„Свети Нектариј, човеку Божји, моли се за нас,“ биле зборовите со кои Патријархот го завршил обраќањето, повикувајќи ги верниците да го следат неговиот пример на љубов, издржливост и простување.
Во литургијата учествувале и архиереи од Австралија и Велика Британија, кои ја истакнале поддршката за канонската јурисдикција, како и за мисионерската и хуманитарната дејност на Александриската патријаршија.
Култот на свети Нектариј Егински во Македонија во последните години бележи сè поголемо почитување меѓу верниците. Во многу храмови низ земјата се одржуваат молебени посветени на овој светител, познат како чудотворец и исцелител, особено за болните од рак и тешки болести. Неговите икони и мошти се присутни во повеќе манастири и цркви, а бројни верници сведочат за духовна утеха и исцеленија по неговите молитви. МПЦ и неколку туристички агенции секоја година органиизраат поклонички патувања во неговиот манастир на островот Егина, каде што се наоѓаат и неговите мошти. Пред неколку години, во Скопје беше прикажан биографскиот филм за светителот – „Човек Божји“.

