Раздор меѓу Бугарската црква и Вселенската Патријаршија прогнозираат публикации во турските медиуми, соопштува кореспондентот на грчкиот весник „Етнос“ во Турција, Марија Захараки, без да ги наведува имињата на турските медиуми. Според публикацијата, по изборот на новиот бугарски патријарх, кој е пријателски настроен кон Москва и повеќепати се изјаснувал против патријархот Вартоломеј, можно е да дојде до раздор меѓу Црквата на Бугарија и Вселенската Патријаршија.
Во статија насловена: „Приврзаникот на Путин, Видинскиот митрополит Даниел избран за нов патријарх на Бугарската православна црква“, се истакнува дека изборот на прорускиот претстојател на Бугарската православна црква го одразува разделувањето во Православната црква, особено по инвазијата на Русија во Украина во 2022 година.
Се истакнува дека одлуката на „Ромејската патријаршија во Фенер“ во 2018 година да го прифати „барањето на Украинската црква да биде одделена од Руската црква во Москва“ доведе до разделување на епископите на Бугарската црква на проруски и антируски фракции.
Се истакнува исто така дека „… за разлика од својот претходник патријархот Неофит, педесет и двегодишниот нов патријарх на Бугарската црква Даниел, тогаш митрополит, застана на страната на Москва кога изби спорот меѓу Фенер и Москва за автокефалијата на Православната црква во Украина“.
Новиот патријарх, како Видински митрополит, „… го критикуваше и протерувањето од Бугарија на еден руски и двајца белоруски духовници, обвинети за шпионажа во корист на Москва“, се истакнува исто така во статијата.

