Во очите на многу екстремни православни христијани денес, Вселенскиот патријарх Вартоломеј е едноставно масон и екуменист кој се стреми да го уништи православието одвнатре. Такви се наративите на пропагандата, а многумина во Црквата повеќе се потпираат на нејзините спорни точки отколку на Евангелието или наПреданието, коешто е во основата на христијанската етика.
Дел од свештеното Предание се и животот и делото на светците и Отците на Црквата. И бидејќи секогаш ни се советува да ги читаме светите отци, им нудиме на нашите читатели извадок од книгата за старецот Јаков Цаликис, каде што можеме да го видиме ставот на овој несомнено милостив подвижник и прониклив духовник кон личноста на актуелнито Вселенски патријарх:
„Тој (старецот Јаков Цаликис) се лиши од сите земни задоволства и наместо тоа бараше духовни радости. Преку многу прилики, а исто така и преку многу поклоници, Бог му ги даруваше таквите радости. Еден од овие поклоници беше тогашниот митрополит Халкидонски Вартоломеј од Вселенската Патријаршија. На 2 октомври 1989 година, митрополитот го посети манастирот и отслужи Литургијата. Старецот Јаков беше необично радосен и во оваа пригода му „прорече“: „Ќе станеш патријарх (иако патријархот Димитриј тогаш сè уште беше во добро здравје), ќе ја пасеш Црквата Христова! Се молам да го посетиш манастирот на преподобниот Давид како патријарх!“
Старецот му подари икона и гранче босилек за патријархот Димитриј со молба да „се моли за нашиот манастир“.
Две години подоцна, смирениот Димитриј се упокои во Господа, и се постави прашањето за избор на нов патријарх. Во октомври 1991 година, старецот дозна од свештеникот П., кој го посети дека турските власти размислуваат да ги отстранат имињата на синодалните митрополити од списоците на кандидати за избор на наследник. Старецот слезе во храмот, му се помоли на преподобниот Давид и се врати кај свештеникот: „Оче, му се помолив на преподобниот Давид. Мој преподобен Давиде“, му реков, „досега ги исполни сите мои барања. Не знам како, но оди сега во Турција, создај конфузија меѓу Турците и нивните документи и погрижи се отец Вартоломеј да биде избран за патријарх!“
Кога подоцна дозна дека Вартоломеј е избран за патријарх, старецот зрачеше од радост, се прекрсти и три пати рече: „Слава Ти, Боже!“
Вселенската патријаршија ја објави канонизацијата на старецот Јаков Цаликис (1920-1991) во ноември 2017 година. Неговиот спомен се слави на 22 ноември. Неговото Успение е на 21 ноември, но поради празникот Воведение на Богородица, прославата на неговиот спомен беше поместена за следниот ден.
Исто така, објавуваме видео од YouTube каналот на светогорскиот манастир „Есфигмен“, на кое се гледа како свети Пајсиј Атонски го прегрнува Вселенскиот патријарх Вартоломеј и го прима неговиот благослов во манастирот Кутлумуш во 1992 година.
извор: pravoslavie.bg

