Како што соопштија од Српска православна црква, одлуката за разрешување од должноста на митрополитот жички Јустин е донесена на вчерашната седница, а за администратор на Жичката епархија до претстојното заседание на Соборот е именуван митрополитот нишки Арсениј. Исто така, Синодот на СПЦ покренал постапка за утврдување канонска одговорност на митрополитот Јустин.
„Во текот на редовната постапка за преглед на материјално-финансиското работење на епархиите на Српската православна црква, спроведена врз основа на одлука на Патријаршискиот управен одбор од 24 октомври 2023 година, Комисијата на Патријаршискиот управен одбор, а потоа и Комисијата на Светиот архиерејски синод, собраа материјални докази врз основа на кои е утврдено дека архиепископот и митрополит жички г. Јустин извршил бројни канонски и други црковни престапи во управувањето со доверената му Жичка епархија“, се наведува во соопштението.
Во претходниот период било утврдено, како што посочуваат, дека митрополитот жички Јустин неовластено основал три трговски друштва – „Трифора доо“, „ЈЕЖ доо“ и „Винарија манастира Студенице доо“, го прикривал нивното работење, се запишал како вистински сопственик на трите друштва, а потоа извршил неовластена продажба на 34 црковни недвижности (станови, деловни простори и слично) во Краљево и Чачак.
Како што се додава, митрополитот Јустин „неовластено и спротивно на важечките црковни прописи склучувал со правни и физички лица штетни договори во вредност од повеќе милиони, неовластено давал позајмици во повеќемилионски износи на разни трговски друштва во Србија, и извршил финансиски злоупотреби во СПЦ, кои повлекуваат и кривична одговорност пред државните органи“.
Синодот, како што наведуваат, со жалење констатирал дека митрополитот Јустин во изминатиот период, со цел да избегне црковна и канонска одговорност, со своите соработници упорно ја доведувал јавноста во заблуда дека е „политички прогонуван“ поради актуелната општествена и политичка ситуација во Србија, а таа тврдење Синодот на СПЦ решително го демантира.
„Во овој, како и во други слични случаи на утврдување канонска одговорност на архиереи на СПЦ, исклучиво станува збор за внатрешни канонски и црковни прашања за кои се надлежни единствено Синодот и Соборот на СПЦ“, се наведува во соопштението.
Архиепископот Јустин е разрешен од управувањето со Жичката епархија до завршувањето на покренатата постапка, односно до заседанието на Светиот архиерејски собор во 2026 година. Тој, како што се наведува, до заседанието на Соборот ќе престојува во епископската резиденција во Краљево, а богослужби ќе може да врши исклучиво во манастирот Жича. Ќе му се исплаќа половина од архиерејските примања до завршување на постапката.
Да потсетиме, на почетокот на февруари верници се собраа во епископскиот дом во Краљево за да му дадат поддршка на митрополитот Јустин кога пристигна посета од претставници на Српска православна црква со цел повторно да се изврши контрола на работењето на Жичката епархија.
Медиумите во август минатата година пренесоа дека СПЦ, меѓу другото, му замерила на митрополитот жички Јустин што на студентите од Нови Пазар, кои пешачеа на протест во Нови Сад на 1 ноември, им овозможил да преспијат во манастирот Студеница.

