Спасеновски: Во православието човечкиот лик е свет, во дигиталното време може да се сведе на алгоритам

Date:

Share post:

Денеска продолжи втората меѓународна академска конференција посветена на 100 години од научното списание Теологија во Солун, каде присуствуваа неколку поглавари на помесни православни цркви, меѓу кои и Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Грчкиот интернет сајт Ортодокс Тајмс објави делови од говорите на учесниците, меѓу кои и на професорот од Правиот Факултет, Александар Сапасеновски.

На панелот, посветен на заедничкото историско и културно наследство на Балканот и современите технолошки предизвици, Спасеновски посочил дека технологијата го менува начинот на кој се развива демократијата, создавајќи нови ризици од манипулација. Исто така истакнал и дека во православието човечкиот лик е свет, но во дигиталното време постои опасност да се сведе на профил, пиксел или алгоритам, дека во кревките демократии оваа опасност е уште почувствителна, бидејќи човечкото достоинство е изложено на поголеми ризици.

-На Балканот, ова влијание е уште поизразено. Социјалните медиуми стануваат платформа за дискриминација. Технологијата може да ги овласти граѓаните, но и да ги ослабне институциите. Во православието, човечкото лице е свето; во новата ера, тоа станува само профил, алгоритам. Ова го гледаме особено во кревките демократии, каде што човечкото достоинство е во опасност. Балканот е мозаик од култури и религии, што премногу често создава недоверба меѓу заедниците. Технологијата мора да гради и мостови. Таа, исто така, поставува прашања за границите – на авторитетот и на човечката личност, истакнал професорот Александар Спасеновски.

Ортодокс Тајмс посочува дека тој нагласил дека теологијата мора да зборува уште посилно денес, бидејќи слободата не се состои само во суверенитет.

-Онлајн богослужбата за време на пандемијата понуди решение, но исто така откри ризик од замена. Православието мора да го зачува својот човечки карактер. Пастирската грижа мора да биде насекаде, без да го изгуби својот личен допир. Нашата одговорност како граѓани е да обезбедиме технологијата да му служи на човештвото, а не обратно. Нашата задача е да обезбедиме иднината на Балканот да биде иднина на единство, а не на фрагментација, истакнал Спасеновски.

Во текстот на Ортодокс Тајмс е цитиран и говорот на Веселин Пектов , професор по теоретска физика и филозофија и моментален директор на Институтот „Херман Минковски“ во Монтреал, Канада, како и на Одделот за филозофија и наука при Институтот за филозофија и социологија на Бугарската академија на науките. Тој рекол дека технолошкиот развој радикално ги менува животите на луѓето.

-Исто така, треба да разговараме за тоа како технологијата го обликува нашиот поглед на светот. Во науката, крајниот судија е експериментот. Во последниве години, квантната механика е овозможена од технологијата. Јасно е дека технолошкиот развој директно влијае на тоа како го гледаме светот. Сега можеме експериментално да го докажеме она што некогаш беше само теорија во физиката. Реалноста покажува дека живееме во четиридимензионален свет. Целата нарација е за физичко тело што ни е дадено во четиридимензионален простор-време. Ниту еден од експериментите што ја потврдуваат релативноста не можеше да се спроведе без технологија. Ова е најголемиот интелектуален предизвик со кој се соочило човештвото, посочил професорот Петков.

Александар Петровиќ , професор по културна антропологија, етика и историја на науките на Одделот за историја и филозофија на науката и технологијата на Универзитетот во Белград, предупредил дека темата за вештачката интелигенција е навистина фасцинантна.

-Но, се плашам дека сме предоцна во решавањето на неа. Медиумите се преплавени со наслови што ги прогласуваат чудата на вештачката интелигенција, а ние тонеме во тие наслови, несигурни што да правиме. Дигиталната технологија е натрапник, кој го напаѓа нашиот свет и се обидува да нè убеди дека живееме во дигитална реалност. Тоа не е вистина. Гледаме обид на дигиталната технологија да доминира врз луѓето. Дури и црквите беа затворени поради дигиталната технологија. Конфликтот постои, а ние сме во негова средина. Ако дозволиме вештачката интелигенција да одлучува за нас, историјата покажува дека ќе бидеме здробени. Глупоста не е духовно прашање, туку морално. Премногу очекуваме од „игрите“ што ги создаваме. Губиме морални вредности секој пат кога веруваме дека вештачката интелигенција може да ги реши сите наши проблеми, посочил професорот Петровиќ.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img