Случајот Кирилица покажа колку македонското општетсво е необразовано, а како такво подложно на манипулации

Date:

Share post:

Беспредметна дебата на социјалните мрежи за наводна грешка во учебник по македонски јазик за средно образование, покрена лавина реакции, по што мораше да се вклучат и еминентни македонски лингвисти и професори по македонски јазик.

Бура реакција предизвика извадок од учебник во кој пишува дека авторот на Кирилицата за науката е непознат и дека тоа е писмо направено во 10 век врз основа на грчката алфабета. На социјалните мрежи се ширеа реакции и коментари дека наводно станува збор за фалсификати, псалирајќи различни дилеми, наводно дека се сквернавело делото на Свети Климент Охридски.

Одговор на ова дадоа дел македонски лингвисти и професори по македонски јазик, кој потврдија дека нема ништо спорно во учебникот и дека науката се уште нема точен одговор кој е авторот на Кирилицата.

Елка Јачева Улчар, на Фејсбук напиша дека нејзината рекација доаѓа откако добила стотици барања за да ја соопшти вистината.

Таа вели дека вистината е таа дека навистина не е познат авторот на кирилицата. Нашата најугледна палеославистка проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, вели Јачева Улчар, од првата генерација студенти на акад. Блаже Конески, во учебникот по Старословенски јазик, од 1977 на стр. 24, во рамките на лекцијата за СТАРОСЛОВЕНСКОТО ПИСМО вели: „Ако се прифати претпоставката, тргнувајќи од нејзината старина, дека глаголицата ја составил Константин-Кирил, останува нерешено прашањето кој ја составил кирилицата. Ков ова, Јачева Улчар додава:

„Во славистичката наука се правеле и сè уште се прават различни претпоставки за нејзиниот автор: дека ја составил Методија, Климент, Црноризец Храбар, цар Симеон и др. Најверојатен е фактот дека таа најнапред се појавила во источна Бугарија, во книжевниот круг во Преслав, престолнината на тогашното бугарско царство, најмногу педесетина години по изнаоѓањето на глаголицата. На тоа особено укажуваат натписите со грчко, односно кирилско писмо („без устроенија“ како што вели Црноризец Храбар), изнајдени во поново време при археолошките ископувања во Преслав во тркалезната црква на Симеон, во кои за специфичните словенски гласови се употребени знаци од глаголицата, а за оние што ги има и во грчкиот гласовен систем, букви од грчкото уставно писмо.“

Според Јачева Улчар, обете азбуки имаат повеќе заеднички црти што се објаснуваат со фактот дека во основата и на едната и на другата лежи грчко писмо: на кирилицата иницијално (унцијално, уставно), а на глаголицата минускулно.

„Најважна е сличноста помеѓу двете азбуки во начинот на пренесувањето на словенските гласови. За глаголицата изворот за тие букви е јасен, а кирилицата ја следи во тој поглед. Ако се споредат тие букви, ќе се види дека сличност постои, макар што се модифицирани.“, вели професорката и додава:

„Ги молам порталите што проширија дезинформации вчера, денес да се коригираат. За нивно добро! Само така ќе бидат сфатени како сериозни, во спротивно – барем јас, никогаш нема да ги отворам и ќе се посомневам во вистинитоста на сЕ што кажале досега. А, кој сака да знае повеќе за азбуките и писмото, најтопло му ја препорачувам книгата „Појава и развој на писмото“ од акад. Петар Хр. Илиевски во издание на Македонската академија на науките и уметностите.“

Повампирување на тезата дека Кирилицата е азбуката што ја создал св. Кирил се појави во специфична форма како критика на застапено погрешно мислење во наш учебник дека не се знае нејзиниот автор, оценува пак професор др. Јованка Кепеска во реакцијата на нејзиниот фејсбук  профил.

-Промената на денот на словенската писменост, 24 мај, денот на св. Кирил и Методиј, во Бугарија е поврзано со тезата дека кирилицата е бугарска азбука. Со оглед на тоа овој ден се одбележува како ден на бугарската азбука, образование и култура но и на словенската литература.
Ваквиот приод покажува, меѓутоа, одново, претенциозност кирилицата, да се поврзе со св. Кирил иако таа не е создадена од св. Кирил. Па, оттаму не може никако да биде поврзувана со одбележувањето на 24 мај, денот на првопросветителите, св. Кирил и Методиј. Уште помалку и како ден на словенската литература поврзана со бугарската азбука, образование и култура, посочува Кепеска.

Во лингвистиката наведува таа, ова прашање е расчистено, рано, во 20 век. Прашањата која е првата азбука и кој ја составил, според неа, расчистени се во лингвистичката дискусија за делото „Сказанија о писменех“ од Црноризец Храбар. Делото претставува апологија на подвигот на словенските први учители, а лингвистиката ги расчистува прашањата за тоа која е првата словенска азбука, за која азбука станува збор и за тоа кој ја составил. Делото е мошне важниот извор и за прашањето за Кириловата азбука. А познато е преку 60-тина бугарски, руски и српски преписи.

Црноризец Храбар живеел приближно на крајот на 9-тиот век или во десеттиот век. За него единствено може да се дознае од неговото дело „Сказанија о писменех“. Се мисли дека живеел во западниот дел од тогашното бугарско царство, впрочем, каде што и најголемиот дел од Методиевите ученици, по прогонот од Моравска, нашле уточиште. Кепеска посочува дека Рускиот славист Лавров поклонува поголема веројатност за западнословенското потекло на Храбар. Бидејќи Храбар во своето дело „Сказанија о писменех“ води полемика со Грците истакнувајќи ги предностите на словенското над грчкото писмо, станува збор за прва филолошка расправа за словенскиот јазик. Но, истовремено, и можност да согледаме дека словенската литература стои на висок степен на развиток влегувајќи во полемика со Грците, Славистот Вилински укажува притоа дека, всушност, станува збор за одбрана на надмоќта на писмото кое го составил Кирил над грчкото писмо.

При расчистувањето на прашањето за глаголицата, како азбука која ја составил Кирил, Кепеска наведува дека во лингвистичката дискусија околу делото на Храбар „Сказанија о писменех“, се поставува, како првенствено, и прашањето дали во времето на Храбар постоеле две или една азбука оносно ако е една која би била таа. Како што се поставува и прашањето дали во тоа време се составувала и нова азбука или дека се работи само за превод на книгите по Кирила. Според славистот Лавров, заклучокот е дека Храбар знаел само за една азбука, иако се поставува прашањето за која азбука знаел? – За глаголицата или за кирилицата?, посочува Кепеска.

Бидејќи во делото на Храбар се говори дека азбуката на Кирил е составена од 24 слова земени од грчката алфабета и од 14 што се составени за специјалните словенски гласови и за кои немало слова во грчката алфабета, дало основа едни да мислат дека е тоа глаголицата а други дека е тоа кирилицата, затоа што и двете азбуки имаат ист број слова: 38. Како што и многу научници ќе сметаат дека Храбаровиот трактат не би можел да се однесува на глаголицата, затоа што словенската азбука, составена по угледот на грчката, може да се однесува единствено на кирилицата чија основа и било грчкото уставно писмо.

Според славистот Ватрослав Јагиќ, заклучно, Храбар можел да знае само за глаголицата што ја составил св. Кирил. Затоа што кирилицата, според Јагиќ е настаната во Симеоновиот период (927-993) на Бугарското царство кога е земено грчкото унцијално писмо од 9-тиот век. Кирилицата оттаму била создадена, не порано од 914 година, односно не порано од 916 година кога починал св. Климент. Што значи дека кирилицата е создадена во времето помеѓу 916 и 927 година, па Храбар не можел да ја познава.

-Оттаму и заклучокот дека делото „Сказанија о писменех“ од Црноризец Храбар настанува на почетокот од 10 век, во епохата која е близу до епохата на првите учители. Така што Црноризец Храбар своето дело го напишал пред Симеоновата победа над Грците (914). И оттаму и заклучокот дека Глаголицата е азбуката која толку силно ја бранел Црноризец Храбар во своето дело „Сказанија о писменех“, вели Кепеска.

За тоа дека глаголицата е постара од кирилицата Кепеска се повикува на анализата направена од Круме Кепески: „Кој бил Храбар и која азбука ја имал наум?“ (Белград, 1932 година), објавена во: Круме Кепески, „Статии и анализи за македонскиот јазик“, Македоника, 2014 год.).

-Дека глаголицата е постара од кирилицата, според Круме Кепески, говорат следните аргументи: а) Кирилицата е посовремена така што со повеќе знаци се обележуваат звуците; б) „Палимпсестите“ (покасната преинака на глаголските слова со кирилични во словенските ракописи) се директен доказ дека глаголицата е постара од кирилицата; и в) Како најважен аргумент во корист на глаголицата е дека таа се употребувала во Чешкоморавска затоа, како што знаеме, Кирил и Методиј таму и ја отпочнале својата дејност. Што дава за право за заклучокот дека Кирил ја составил глаголицата. И дека глаголицата е постарата азбука од кирилицата. И дека заобиколувањето на утврдените научни сознанија во бугарската јавност за кирилицата и за нејзината првозначност за словенската литература очигледно дека е од други причини, стои во коментарот на фејсбук профилот на Јованка Кепеска која е ќерка на Круме Кепески

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img