Случајност или некаков знак, порака или пак можеби нешто сосема трето. Оваа дилема си ја поставуваат Христијаните во Светото, откако на Велигден изгореа 4 православни цркви на три континенти.
За среќа во ниту еден од пожарите нема повредени и жртви, освен во пожарот во црквата на МПЦ во Австралија, во кој при гасење на пожарот биле повредени тројца пожарникари.
Серијата пожари на православни цркви почна со пожарот во црквата на МПЦ, „Христово Воскресение“ во Рокдаил во Сиднеј, кој избувна на Велигден. Во близина се наоѓа и дом за стари лица кој бил евакуиран.
Пожарникарите биле изненадени од интензитетот на пожарот и брзината со која се ширел. Како што велат австралиските власти, среќа е што само тројца пожарникари биле повредени. Неколку часа траела акцијата за гасење во која биле вклучени 60 пожарникари од 15 станици, но не успеале да ја спасат зградата на црквата.
Речиси истовремено во Мелбурн изгоре храмот „Благовештение“ на Грчката Православна црква.
И во овој пожар освен материјална штета нема повредени.
Најопасен бил пожарот во Српската православна црква на Менхетен, каде изгоре храм стар 160 години, кој е и најголемата црква на СПЦ во Њујорк.
Како последен шок дојде веста за пожарот во рускиот манастир Валам во Северна Русија, едно од најголемите руски светилишта изгоре во пожар на Велигден.
Големиот пожар избувнал во неделата наутро, кога била прославата за Велигден.
Пламенот избувнал во зимскиот конак кој се наоѓа во старата зграда која му припаѓа на манастирот Валам и е веднаш до Црквата.
Во пожарот нема повредни, а биле евакуирани 70 луѓе. Руските противпожарни единици вклучиле и хеликоптери за гасење на пожарот.

