Кејот во Ѓорче Петров, требаше да биде симбол на урбано зеленило и активен живот, истакна Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје, порачувајќи дека жителите на Ѓорче Петров заслужуваат многу повеќе од кал, трње и лажни ветувања.
-Се сеќавате што ветија? Зелен спортски кеј, 40 километри вело и еко коридори. А што добија жителите, ниту спорт, ниту зеленило, само запуштен простор и уште едно разочарување. Ѓорче Петров е оставена општина, како да не е дел од Скопје, истакна Шукова во изјава за медиумите.
Таа го посочи конкретниот потег од Влае до Хром, долг само еден ипол километар, како вистинска слика за неработењето и игнорирањето на основните потреби на граѓаните од страна на ВМРО ДПМНЕ. Според неа, тоа не е само урбанистички, туку и политички пропуст, симбол на нефункционален град.
-Ако некој не знае да поврзе само еден километар ипол, како очекувате да поврзе град, идеи и луѓе?, праша Шукова.
Шукова најави проект за целосно уредување на овој простор. Планирана е современа, безбедна и зелена пешачко-велосипедска патека која ќе стане дел од континуирана, урбана врска помеѓу Ѓорче Петров, Карпош, Центар, Аеродром и Гази Баба, вистинска зелена оска низ срцето на градот.
Во фокусот е создавање на простор којшто не служи само за транзит, туку за живот. Решенијата опфаќаат уредено корито, ново зеленило, јавни простори достапни за сите генерации и нов урбан пулс којшто ја враќа довербата на граѓаните во можноста за уреден, функционален и здрав град.
Шукова најави дека Ѓорче Петров нема да биде третирано како периферија, туку како точка од која започнува вистинското поврзување.
-Имаме план, имаме решение, знаеме како. Нема повеќе празни ветувања ова е почетокот на ново, поврзано, зелено и живо Скопје, истакна Шукова.

