Поради наглиот пад на бројот на верници, стотици католички и протестантски цркви во Германија во последните години се затворени или го смениле своето основно предназначение. Само во периодот од 2000 до 2024 година, повеќе од 600 храмови престанале да функционираат како цркви.
Според податоците, само во 2024 година двете најголеми цркви во Германија — Католичката и Евангелистичката — изгубиле над еден милион членови поради истапување од црковната заедница или смрт. Денес, само 46 проценти од Германците припаѓаат на некоја од овие две цркви, наспроти речиси 69 проценти пред 30 години.
Католичката црква ваквата промена ја нарекува „профанизација“. Судбината на поранешните храмови е различна: дел се преземаат од растечките православни заедници, особено во Берлин, но тоа е исклучок. Почесто, зградите се продаваат или дури се уриваат. Во градот Јулих, меѓу Келн и Ахен, поранешна црква денес е продавница за велосипеди. Во Ветринген, северно од Минстер, во поранешна манастирска црква се игра фудбал, додека во друга во близина на Клеве се одржуваат боксерски тренинзи. Поранешни храмови денес служат и како кафулиња, библиотеки, книжарници или хотели, а сè почесто и како станбени објекти — во Берлин, Росток, Трир, Келн и Вупертал. Во Есен, поранешна евангелистичка црква е претворена во повеќенаменска зграда со станови и физиотерапевтска ординација. Жителите и корисниците велат дека не чувствуваат непријатност од фактот дека просторот некогаш бил храм. Напротив, некои сметаат дека помагањето на луѓето — преку здравствени или социјални услуги — е продолжување на христијанската мисија на зградата.
Историчарот на уметност Клаус-Мартин Бресгот, кој истражува напуштени црковни објекти во Берлин, смета дека овие згради и понатаму можат да имаат важна улога во заедницата. Истражувањата покажуваат дека жителите на одредени квартови имаат потреба од јавни простори за култура, спорт и собири. „Не треба лесно да се откажуваме од овие објекти. Тие можат повторно да им служат на луѓето, иако на поинаков начин“, вели Бресгот.

