„Терористите, колку и да се трудат да се маскираат под рувото на Ислам, немаат ниту вера, ниту верба, ниту љубов за нацијата. Тие ги мразат и мирот и добрината кои ги шири Исламот.“ Ова е пораката што Поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи му ја испратил на својот колега, Претседателот на Исламската заедница на Турција, Мехмет Гормез во телеграмата по вчерашниот терористички напад во Истанбул во кој загинаа 10 лица, а 15 беа повредени.
Реџепи му посакува на Гормез да останат трпеливи од ударите кои им ги нанесуваат оние кои го избубиле патот и се оддалечиле од заповедите на Алах.
„Почитуван брат и пријател, трогнат сум од грдиот терористички чин кој се случи денеска во Истанбул, при што повторно животот го загубија недолжни луѓе, кои со ништо го немаат предизвикано страшното насилство.
Во мое лично име, во име на Исламската верска заедница на Македонија и на сите муслимански верници и на добронамерните луѓе од Македонија, ви изразувам Вас и на институцијата која ја водите, како и на братската турска држава и народ, најискрени сочувства. Останете цврсти и бидете трпеливи на ударите кои ви се нанесуваат од злонамерниците и од луѓето кои го изгубиле патот и се оддалечени од заповедите на Алах (џ. ш).
Во овие тешки мигови за Вас и за вашиот народ, вербата кон нашиот Творец нека биде лек за раните создадени од луѓе кои му наштетуваат на имиџот на Ислам низ светот и придонесуваат да расте чувството на исламофобија.
Дефинитивно, терористите, колкуи да се трудат да се маскираат под рувото на Ислам, немаат ниту вера, ниту верба, ниту љубов за нацијата. Тие ги мразат и мирот и добрината кои ги шири Исламот.
Алах нека биде со вас во оваа тешка ситуација и во иднина. Заедно сочувствуваме и заедно патиме со вас.„, пишува Реис ул-Улема на РМ, х. Сулејман еф. Реџепи.