На почетокот на 2026 година, Православните цркви низ светот стојат пред низа значајни предизвици кои ќе ја обликуваат црковната активност и односи во наредниот период, анализира Orthodox Times. Главните теми ги опфаќаат мировните напори, канонските односи, социјалните прашања и улогата на Црквата во современиот свет.
1. Мир и однос кон конфликтите
Еден од најочигледните актуелни предизвици е одговорот на православните заедници на воените конфликти, особено во Украина и на Блискиот Исток. Црковните лидери ја нагласуваат потреба од молитва за мир, но и за практична поддршка на постраданите семејства и заедници, истовремено потенцирајќи дека застанувањето настрана од страдањата на невините не одговара на христијанската мисија. Интересот на претседателот Трамп за христијаните ширум светот може да донесе само позитивни резултати. На Божик, САД бомбардираа цели на ИСИС во Нигерија, кои убиваа христијани до степен што може да се зборува за геноцид, а Трамп предупреди дека ако ИСИС не запре, ќе има понатамошни напади. Американскиот претседател отворено ја стави на дневен ред заштитата на христијанските заедници ширум светот. И се чини дека е сериозен во однос на тоа.
2. Канонски прашања и меѓуправославни односи
Статусот на Православната црква на Украина останува едно од најсложените прашања за меѓуправославниот дијалог. Иако одредени помесни Цркви ја признаа автокефалноста на ПЦУ, други тоа сè уште не го сториле, што го прави дијалогот и натаму актуелен. Засега нема унифицирана одлука на сите Помесни цркви, што ја покажува сложеноста на канонските и пастирските аспекти на ова прашање. Вселенскиот патријарх Вартоломеј се стреми да ја види својата одлука за доделување автокефалност на Православната црква на Украина потврдена во пракса и да помогне во враќањето на единството меѓу православните верници во земјата. Во исто време, останува клучното прашање: дали односите со Москва можат да се поправат? Тоа ќе биде централниот предизвик во следната година: спречување сегашниот јаз во Православието да стане перманентен, нешто со што Вселенскиот патријарх Вартоломеј не би сакал да биде поврзан за време на својот мандат. Да бидеме искрени: од денот кога започна војната, тензиите меѓу Врквите престанаа да бидат чисто религиозни по природа.
Постојат повеќе отворени фронтови во Православието. Не само што рускиот патријарх Кирил ја прекина врската со Вселенскиот патријарх, туку и односите со Ерусалим, Антиохија и Белград се исто така речиси непостоечки. Српскиот патријарх, се разбира, долго време е во сојуз со Москва. Сепак, повпечатливо е што Ерусалимскиот патријарх Теофил постојано ги игнорира повиците на Вартоломеј за разумност и дијалог. Еден значаен исклучок во оваа клима на затегнати односи беше неодамнешната посета на бугарскиот патријарх на Фанар и сослужувањето со Вартоломеј – добредојден момент на охрабрување за Вселенскиот патријарх.
3. Екуменски дијалог и меѓурелигиски односи
Православните цркви продолжуваат да учествуваат во екуменски и меѓурелигиски дијалози, со цел поттикнување на меѓусебното разбирање и соработка. Теми како семејството, човековите права, социјалната правда и заштитата на животот се дел од заедничките платформи за дискусија со други христијански и религиозни заедници.
4. Социјални и демографски предизвици
Православните заедници се соочуваат со социјални трендови кои влијаат на животот на заедницата, вклучувајќи демографски пад, миграции и урбанизација, како и социјални промени што ги менуваат традиционалните функции на семејството. Образованието, поддршката за млади и семејства и социјалната инклузија остануваат приоритетни области за пастирска грижа.
5. Теолошко образование и културно присуство
Во свет што се глобализира, Православието стои пред предизвикот да ја зачува сопствената богословска традиција, додека истовремено се отвора кон современите културни и интелектуални предизвици. Поддршката за богословските факултети, семинарии и школи, како и јакнење на духовната формација, еден од главните столбови за идниот развој на Црквата.

