Нови ценовници и повисоки цени за венчавки, погреби и крштевки од 1 јуни се применуваат во Скопската епархија на МПЦ-ОА, објави дневниот весник Вечер. Весникот пишува дела според новиот таксеник венчавка на младите со еден свештеник чини 9.000 денари. Ако пак младите се одлучат за погламурозна венчавка во присуство на тројца свештеници, тогаш ќе треба да искешираат повеќе.
Пред зголемувањето на цените за венчавање се плаќаше 6.000 денари. За разлика од Скопје, венчавката во Битола, која потпаѓа под Преспанско-Пелагониската епархија чини 7.700 денари и во оваа епархија имаше зголемување на цените на услугите уште во февруари 2022 година и тоа за 50 до 500 денари, во зависност од услугата.
Освен венчавката, Скопската епархија ги зголеми и цените на другите услуги.
Така, крштевката е зголемена за 1.000 денари, старата цена беше 4.000, а сега се наплаќа 5.000 денари, 3.000 денари плаќаат домашните, додека 2.000 денари плаќа кумот. Единствено попуст ќе добијат близнаци при крштевка или семејства со повеќе деца на кои ќе им се наплати една такса.
Погребот е поскапен исто така за 1.000 денари и сега чини 4.000 денари, а доколку се ангажираат три свештеника тогаш чини двојно повеќе, односно 8.000 денари.
Од Македонската православна црква велат дека сепак свештеникот нема право да одбие да изврши услуга на некој што не може да плати, или пак, на некој кој само има делумно да плати за услугата, додаваат дека црквата им излегува во пресрет на верниците.
– Сепак, ние не сме фабрика која бара исклучителни цени – наведуваат од МПЦ и додаваат дека оној што има пари да организира голема свадба сигурно има и да ја плати цената од таксеникот за венчавање. Згора на тоа цените на услугите не се зголемени 10 години од кога просечната плата беше 20.000 денари, за разлика од сега кога просечната плата е 40.000 денари – образложуваат од МПЦ.
Новите цени ги налутија верниците. Велат за арно, за лошо во црква мора да се влезе. Ама наместо во свет храм, како да влегуваме во некој луксузен објект со изгор цени. Од МПЦ се правдаат и со тоа дека од овие пари се плаќаат такси кои со новиот таксеник се зголемени.
– Се плаќаат такси за литература во митрополијата и за црката. Така, таксата за литература од 300 е зголемена на 500 денари, додека таксата за црква која ја плаќа секој свештеник што ги води венчавката, крштевката или погребот е зголемена од 700 на 1.000 денари – потенцираат од МПЦ.
/Целиот текст на Вечер прес

