Треба сериозно да се работи за искоренување на причините на тероризмот, изјавил кардиналот Пиетро Паролин, коментирајќи ги неодамнешните настани во Берлин и Анкара.
-Многу сме тажни заради тоа што се случи. Светиот Престол повторно го осудува насилството кое ги убива невините луѓе, а кои во оваа атмосфера на славење и божиќна радост изгледа уште посурово. Секогаш важи предупредувањето дека со сите законски средства мораме да се бориме против тероризмот и истовремено сите мораме сериозно да работиме за да се отстранат причините кои ја започнале таа појава – истакнал кардинал Паролин.
На прашањето како убиството на рускиот амбасадор ќе се одрази на Блискиот Исток рекол дека ситуацијата на Блискиот Исток е многу загрижувачка.
-Треба вистински да се работи за да се создаде атмосфера на мир во спротивно ќе имаме вакви последици. Жал ни е, многу сме тажни и заради тој настан затоа што не придонесува за создавање на атмосфера на подобро разбирање и соработка во поглед на преговорите во Сирија. Важно е сите да настојуваме, секој според своите можности, да се создадат услови за мирољубив соживот и соработка, потенцирал кардиналот.
/РАДИО ВАТИКАН

