Руската надворешна разузнавачка служба (СВР) самата себе се дефинира како дел од системот за национална безбедност на Русија, задолжен за заштита на поединците, општеството и државата од надворешни закани. Токму поради тоа, изјавата што руската разузнавачка служба – наследничка на КГБ – ја објави пред неколку дена против Вселенскиот патријарх Вартоломеј предизвика силна вознемиреност.
„Влегуваме во непознати води“, изјави старецот митрополит Емануил Халкидонски во разговор за весникот Катимерини, потврдувајќи дека и во Фанар оваа изјава се смета за сериозен настан што суштински ја менува рамката на кризата која веќе постои во односите меѓу Вселенската патријаршија и Московската патријаршија. Во суштина, станува збор за опиплива потврда на целосната идентификација на Руската црква со руското политичко раководство и за нејзината „трансформација во оружје на политичка пропаганда“, како што додава митрополитот Емануил.
Без преседан, нападот врз Вселенскиот патријарх содржеше исклучително остри квалификации и обвинувања за „оркестриран ѓавол“, соработка со британските разузнавачки служби, „идеолошки ционизам“, како и реторика со националистички и неонацистички елементи. Кулминацијата беше тврдењето дека тој буквално го разградува „уставното тело на Црквата“ и дејствува како „лажен пророк“. Фанар беше затечен од ваквиот тон и, иако обично избегнува да коментира вакви напади, овојпат зборуваше за „очигледно фабрикувани сценарија, лажни вести, навреди и измислени информации“.
Посебно значаен е фактот што нападот е насочен лично кон Вселенскиот патријарх, што го разликува овој случај од претходните напади против институцијата. Дополнително, додека претходно руската страна зборуваше за „поттикнати дејствија“, сега таква формулација воопшто не постои. Наместо тоа, се воведува наратив за наводни врски со британските разузнавачки служби. Во Фанар уште од самиот почеток оцениле дека промените во односите меѓу Кремљ и Белата куќа ја поттикнале оваа нова реторика, како и дека руската страна можеби тестира како – и дали – американската страна ќе реагира на нападот врз Вселенската патријаршија.
Уште од 2013 година, кога Светиот синод на Руската православна црква објави дека го доведува во прашање приматот на Вселенскиот патријарх, стана јасно дека постојат пошироки намери за оспорување на неговата улога и влијание. Одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија во април 2018 година за доделување автокефалност на Црквата во Украина претставуваше пресвртна точка што дополнително ја продлабочи кризата.
Руската страна, според оценките, систематски работи на зајакнување на своето влијание врз други патријаршии, истовремено обидувајќи се да ја поткопа и средбата меѓу Вселенскиот патријарх и папата Лав, одржана по повод годишнината од Првиот вселенски собор. Овој последен настан создава нова реалност, во која – како што забележува митрополитот Емануил – „варварството сè повеќе станува норма“.
Во интервјуто, митрополитот Емануил истакнува дека коренот на агресијата од страна на Московската патријаршија лежи во духовна болест и во еклисиолошко отстапување. Кога теолошкиот говор се изопачува и Евангелието станува алатка на државната моќ и политичката корист, тогаш, вели тој, остануваат само навредите. Според него, таргетирањето на личноста на Вселенскиот патријарх има за цел да се одземе неговото духовно татковство и да се прикаже како извршител на „туѓи центри на моќ“, што ја открива немоќта на световната власт да ја разбере духовната слобода.
Особено алармантно, според него, е тоа што изјавата доаѓа директно од руската разузнавачка служба. Тоа јасно покажува дека црковната фасада е целосно урната и дека каноните, синодалните одлуки и автентичниот црковен етос се заменети со „служби“ и световни механизми. Во таков контекст, Црквата ризикува да се претвори во обичен пропаганден апарат.
Екстремните квалификации против Вселенскиот патријарх, според митрополитот, се израз на духовна деградација, бидејќи насилството – вербално или физичко – секогаш е прибежиште на стравот и слабоста. Кога нема вистински непријател, се создаваат вештачки, за да се постигне внатрешна кохезија. Во таа логика, Вселенскиот патријарх станува „идеален непријател“, токму поради неговиот екуменски авторитет и влијание.
Во однос на Балтикот, митрополитот Емануил нагласува дека таму со години постои напнатост, но дека сега клучната промена доаѓа од самите верници, кои одбиваат да прифатат црковна структура што благословува војни во нивно име. Вселенската патријаршија, според него, не создава проблеми, туку се обидува да исцели канонски неправди што датираат од советскиот период.
На крајот, митрополитот заклучува дека навистина се влегува во нова и опасна фаза во односите меѓу двете патријаршии, не затоа што суштински нешто се променило, туку затоа што варварството сè повеќе се институционализира. Фанар, вели тој, одговара со „тишината на молитвата“ и, кога е неопходно, со „зборот на вистината“, оставајќи ја вратата отворена за искрен дијалог.

