Осуда на Конференцијата на европските Цркви за рускиот напад на детска болница

Date:

Share post:

Конференцијата на европските Цркви (КЕЦ) излезе со изјава во која го осудува нападот на Русија врз детската болница „Охматдет“ во Киев. Нејзин претседател во моментот е архиепископот на Тиатир и Велика Британија Никита (Вселенска Патријаршија).

Во текстот се вели дека „КЕЦ недвосмислено го осудува ужасниот напад на руските сили врз детската болница „Охматдет“ во Киев. Овој страшен чин, насочен кон најранливите членови на општеството, претставува воено злосторство и сериозно прекршување на меѓународното право и хуманитарните принципи. Нападот е јасно потсетување за ужасите на оваа војна и за страдањата на Украинците.

Како црковно собрание ние ги осудуваме сите форми на насилство и агресија. Христовото учење нè повикува да ги сакаме нашите ближни, да ги заштитуваме невините и да се стремиме кон мир. Бруталниот напад врз детска болница е во јасен контраст со овие основни вредности. Како дел од иницијативата на КЕЦ „Патишта кон мирот“ нагласуваме итната потреба од прекин на огнот пред лицето на ваквите злосторства. Патот кон траен и праведен мир бара прекин на насилната агресија со повлекување на армијата на агресорот и почитување на меѓународното право и човековите права. Ова е патот кон одржлив мир.

Ги повикуваме политичарите и црковните водачи да ја бараат одговорноста од Руската Федерација за нејзините дејствија. Одговорноста е не само на политичките лидери, туку и на религиозните заедници, кои треба да зборуваат против неправдата и да работат за исцелување и поддршка на засегнатите. Украинскиот совет на црквите и религиозните организации со право ја земаат Руската православна црква како одговорна, бидејќи таа категорично ја поддржува агресијата на Руската Федерација против Украина, поттикнува меѓуетничко и меѓуверско непријателство и ја проповеда безбожната идеологија на т.н. „Рускиот свет“.

Ги охрабруваме сите европски влади да ја обезбедат неопходната помош и поддршка на Украина, обезбедувајќи хуманитарната помош да стигне до оние на кои им е потребна и да се воспостави траен мир.

Photo: The Lutheran World Federation/Albin Hillert

Во овие тешки времиња ние сме заедно со нашите украински браќа и сестри, молејќи се за крај на насилството и изгревање на мирот. Нека Божјата милост и сочувство нè водат сите нас во напорите да ги поддржиме и подигнеме страдалниците во овој конфликт“.

Конференцијата на европските цркви беше првата религиозна христијанска организација која реагираше на почетокот на војната во 2022 година. Тогашниот претседател на КЕЦ, д-р Кристиан Кригер, му се обрати на рускиот патријарх Кирил со зборовите: „Вашето молчење разочарува и плаши“.

КЕЦ е создадена во 1959 година во условите на „Студената војна“ и има седиште во Женева, како и претставништва во Брисел и Стразбур. Во организацијата членуваат 126 православни, протестантски, англикански и старокатолички цркви од сите европски земји, како и 43 организации кои имаат статус на придружни членови. Римокатоличката црква не е член на КЕЦ, но од 1964 година активно соработува со организацијата.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img