Пратеници од грчката партија „Грчко решение“ покренаа прашање во парламентот за наводна „колонизација на регионот Еврос“ од страна на странски државјани, пред сè Бугари, преку купување недвижности во граничната област. Тврдењата вклучуваат и обвинувања дека црковни имоти биле продавани на странски купувачи, што, според партијата, е спротивно на националните интереси на земјата.
Од парламентарната говорница, претседателот на „Грчко решение“, Кирјакос Велопулос, упати остра критика кон митрополитот на Александруполи, Антим. Тој тврдеше дека митрополијата добива имоти по пат на наследства, а потоа ги продава на бугарски граѓани, што, според него, претставува „антинационално однесување“ во чувствителен регион кој се граничи со Бугарија и Турција. Велопулос дополнително изјави дека ваквите постапки се поврзани со политички врски меѓу митрополитот и владејачката партија Нова демократија.
На обвинувањата реагираше митрополитот Антим, кој изрази жалење што се создаваат тензии и поделби меѓу жителите на регионот преку, како што рече, неосновани инсинуации. Тој појасни дека станува збор за два конкретни црковни имоти, продадени во 2017 и 2019 година, и дека купувачите биле православни христијани, државјани на Европската унија. Според митрополитот, продажбите биле извршени преку јавен тендер, а одлуките биле одобрени од Светиот синод, при што имотите припаѓале на манастирот „Света Богородица“ и на црквата „Света Анастасија“ во Макри.
Митрополитот Антим нагласи дека ваквите напади ја потврдуваат неговата загриженост за политиката на партијата „Грчко решение“, која, според него, под изговор на заштита на „грчките интереси“ и „православието“, настојува да ги разедини граѓаните на локално и национално ниво. Тој ги оцени обвинувањата за „антинационално однесување“ како идеолошки мотивирани и како пример за хибриден политички дискурс со елементи на партиска и ревизионистичка русофилија.
Според митрополитот, ваквите тврдења, иако изнесени во парламентот, не можат да го нарушат неговиот углед ниту да ја засенат, како што истакна, неговата долгогодишна и искрена грижа за интересите на регионот Еврос, каде што е роден и израснат.


