Педесет и еден Нобелови лауреати потпишаа отворено писмо во кое повикуваат на прекин на воените дејствија во Украина и во појасот Газа. Писмото беше објавено во францускиот весник „Le Monde“.
Авторите повикуваат на итен прекин на огнот, размена на сите затвореници, ослободување на заложниците и враќање на телата на загинатите на нивните блиски, како и на започнување на мировни преговори.
Писмото е адресирано до завојуваните страни, Римскиот папа Франциск, Константинополскиот патријарх Вартоломеј, Далај Лама, ООН, Европскиот парламент и Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Во него се забележува дека сега во светот има не помалку од 55 вооружени конфликти, а последиците од војната меѓу Русија и Украина „се одразија во различни земји, предизвикувајќи засилување на гладот во Африка, миграциска криза во Европа, носејќи заедно со водата, лебот и млекото на трпезите на жителите на сите шест континенти тони штетни супстанции, ослободувани при секое бомбардирање“.
„Бројот на убиените и ранетите во центарот на Европа ќе надмине еден милион луѓе до крајот на оваа година. Ова се случува за прв пат од Втората светска војна“, се вели уште во обраќањето.
„За време на оваа војна светските буџети за одбрана пораснаа толку многу што се споредливи со ресурсите, доволни за забавување на глобалните климатски промени. Убивајќи се еден со друг, луѓето истовремено ја убиваат и планетата“.
„Трошоците за оружје, исто така, би биле доволни за искоренување на гладот во светот за следните осумдесет години. Замислете за момент: никој веќе нема да страда од глад, никој нема да умре од глад, ниту едно дете нема да има недостиг од храна. Сепак, наместо да работиме цел живот, ние ги трошиме нашите ресурси, сеејќи смрт“.
„Кои се жртвите на војната денес? – прашуваат Нобеловите лауреати. – „Тоа се претежно луѓе на возраст од триесет до четириесет години. Затоа секој од нив изгубил околу четириесет години од животот, кој го очекувал да го има. Така, кога сто илјади луѓе се убиени, тоа претставува загуба на четири милиони години живот – со неостварени откритија, неродени деца, сираци кои страдаат“.
Авторите на писмото ги молат лидерите на светските религии да се обратат на своите следбеници и на сите граѓани на светот и влади во име на Бог, Чии слуги се тие, токму за време на Олимписките игри.
„Дај Боже милијардите луѓе што ќе ги следат, да се приклучат на оваа молитва. Дајте им на нашите деца можност да нè надживеат. Да не се убиваме еден со друг, туку да ја спасиме планетата“.
Меѓу потписниците се вирологот Франсоаз Баре-Синуси (Нобелова награда за откривањето на ХИВ), научникот Емануел Шарпантије (Нобелова награда за развој на метод за уредување на геномот), Ален Хегер (Нобелова награда за хемија за откривање и развој на проводливи полимери), како и десетици други научници, кои направиле откритија во областа на хемијата, медицината и физиката. Освен тоа, текстот е потпишан од рускиот опозициски новинар Дмитриј Муратов (Нобелова награда за мир, главен уредник на „Новая газета“) и белоруската писателка Светлана Алексиевич (Нобелова награда за литература, живее во егзил).
/DVERI.BG

