Во контекстот на војната во Украина и зголемената идеологизација на верските институции во Русија, дел од свештенството на Руската православна црква (РПЦ) сè погласно ја изнесува својата загриженост, внатрешнитедилеми и одбивањето да се идентификуваат со официјалната државна и црковна реторика. Истражувачкиот портал The Insider разговараше со двајца такви актуелни свештеници и со еден поранешен свештеник, од различни региони на Русија, за тоа како дисидентските свештеници остануваат во системот и како се обидуваат да останат верни на себе и на христијанството. В објавениот материјал, тие сведочат за своето морално несогласување со политиките на Московската патријаршија и нејзината поддршка за руската инвазија врз Украина.
Во продолжение следат објави од ставовите на интервјуираните свештеници.
„Јас не благословувам да се оди во војна” – сведоштво на отец Даниил
Отец Даниил, кој е сè уште активен свештеник, објаснува како постепено ја изгубил довербата во официјалната нарација. Според него, анексијата на Крим во 2014 година и последователната војна во Донбас го натерале да го преиспита своето разбирање за патриотизмот и верата. Во своите проповеди почнал да повикува на покајание и осуда на братоубиството, што му донело конфликти со верници и со претпоставени. Тој не ги благословува оние што одат на фронт, туку се моли со нив за внатрешен мир и преиспитување. „Не можам да благословам човек да оди да убива. Но, можам да се помолам со него – Бог да го исцели неговиот страв, самоувереноста, и да го заштити од злото“, вели отец Даниил. Тој додава: „За мене вистинската татковина не се државата и армијата – тоа се луѓето. И токму тие страдаат.“
„Сепак, во еден момент почнав да сфаќам дека слоганот „Крим е наш“ не ми се допаѓа. Иако имав парохијани кои го доживуваа сето ова со ентузијазам… Но, јас разбирав дека за такви работи ќе треба да се плати. Ова е кршење на меѓународните договори, а и Библијата вели: „Не ги поместувај меѓите на својот сосед“ (Втор. 19:14). Чувствував дека одмаздата за овој наводно „бескрвен“ Крим почнува да се манифестира во настаните во Донбас. Почнав да барам видеа од бојното поле. Најчесто наидував на снимки направени од луѓе кои се бореа на руската страна. На пример, како уништуваа голема украинска единица со ракети… Овие видеа беа објавени на ВКонтакте, беа дистрибуирани насекаде. Ако некој сакаше, можеше да ги види. А за мене беше важно да ги видам. Трупови што гореа, убиени војници, многу ми беше жал за мртвите… Особено ме погоди едно видео од воената операција во Дебалцево, во тој познат „котел“. Прво, снимката што ја снимиле украински војници со своите телефони: можеа да се видат како седат околу оган, обидувајќи се да се поддржат едни со други, додека експлозии одекнуваа во далечината. Се шегуваа, пцуеја, се однесуваа како обични луѓе за време на војна. А потоа истите овие телефони паднаа во рацете на руската војска – и тие ги фотографираа труповите: некој беше застрелан, друг беше изгорен. Овие луѓе гордо велеа: „Ние ги убивме тука“. Ги гледав овие сцени и си помислив: „Боже, каква ужасна дехуманизација!“
Кога започна целосната инвазија во февруари 2022 година, веќе ги следев настаните многу поблиску. Познавав луѓе од круговите за човекови права и разбрав дека тие не се „агенти на Западот“, туку нормални луѓе кои живеат во постојана борба. Беше вистински дар за мене што можев да најдам извори што ја покажуваат реалноста од различни гледни точки. Потоа видов колку од луѓето почнаа да ги менуваат дијаметрално спротивно своите ставови за војната – и меѓу парохијаните и меѓу добрите познаници: „На почетокот реагирав негативно, но сега ме водат зборовите на Сергеј Бодров дека за време на војната Татковината мора да биде поддржана во секоја ситуација“? Чудна позиција.
Сфатив дека луѓето често се водени од внатрешни идоли. Почнав да се анализирам себеси и сфатив дека и во мене самиот имало можен „идол од Татковината“, всаден во нас уште од училиште преку образовниот систем. Ова звучи како „посветеност на татковината“, но всушност тоа е прилично аморфен концепт: татковината е и државата, и конкретните владетели, армијата… сè заедно. Татковината не треба да се претвора во идол. Бидејќи кога го правите тоа, почнувате да се убедувате себеси дека „големата цел ги оправдува средствата“. Ги одминувате луѓето, нивните болка и страдање. Презирајќи ги нивните животи, подготвени сте да ги претворите во „свети жртви“ за вашиот бог. Но, всушност, токму овие луѓе се татковината. Не е ли така?
На 24 февруари 2022 година, од амвонот ги цитирав зборовите на митрополитот Киевски Онуфриј за братоубиствената војна на Каин против Авел. Ова ги навреди и шокираше некои од парохијаните, особено поранешните војници, луѓе најлојални на државата. Веднаш по службата ме повика настојателот на храмот. Му реков: „Разберете ме, искрено, страдам поради судбините и смртта на луѓето. Не можам да го прифатам ова, чисто по човечки. Овој мој став не е политичка борба, туку морална проценка. Освен тоа, имам далечни роднини во Украина.“ Тој одговори: „Те разбирам, но ти советувам да не напнуваш на темата. Ти си возрасен, одлучи сам, но јас нема да можам да те бранам пред властите.“
Овој разговор ме натера да размислам како да се однесувам понатаму и зошто луѓето се однесуваат на овој начин. Ако едноставно спорам со нив, тоа би значело да спорам со нивниот идол, кој им е свет. А не можете директно да се расправате со идол. Значи, човек мора да бара други врати, други патишта, за да стигне до нив. Поткрепа во ова барање се Евангелието и личноста Христова. Тој им дава можност на Своите ученици да почувствуваат дека имаат друг идентитет – различен од кланот, народот, племето и државата.
Порано и јас се восхитував на моќта на армијата, ја сметав за сведоштво за величината на Татковината… Погрешно е христијанинот да биде ентузијаст за воените работи. Бидејќи секоја војна, дури и „праведна“, е компромис со совеста и секогаш води кон невини жртви. Меѓу другото, многу ми помогна документарниот филм „Веселиот војник“, посветен на судбината на Виктор Астафиев и на вистината за војната. Во мене започна нешто како „криза за заздравување“. Идеологијата почна да се распаѓа, а пред очите ми се откри реалноста.
Различни христијани, не само православните, сакаат да ги хероизираат војниците. Тие мислат дека ако некој, воден од чувства, оди да ја „брани татковината“ со оружје во рака, тоа некако го облагородува, го менува на подобро, речиси го прави светец. Ова е заблуда. Такво нешто не се случува. Во реалноста, дури и во Големата патриотска војна (Втората светска војна, н. заб.), во која било војна, тоа се луѓе кои убиваат не само други, туку и себеси. Оној во кого пукате е човек. И мора да се убедите во спротивното и да се убедите дека сте во право. Но, во војната често се случува вака: пукате во „непријатели“, но ги погодувате своите. И мирни луѓе неизбежно умираат. Тоа е вртелешка од насилство и болка, во која се движите, потхранети од горивото на омразата.
Меѓу свештенството има и такви кои се убедени поддржувачи на војната и сè што се случува таму. Тие се воодушевени од национализмот, од сонот за „руски свет“, заснован на митот за „Света Рус“ и на идеализацијата на руската историја. Оваа позиција беше поттикнувана и поддржувана со години од медиуми како што се Радио Радонеж и ТВ Царскиград.
Идеолошката фузија на црквата со владата, во новата Русија започна уште во времето на Елцин, кога војската и вработените во специјалните служби беа силно привлечени од монархистичките движења во рамките на Руската православна црква. Црковните функционери прифаќаа донации од нив, а за возврат ги затвораа очите пред нивните активности и даваа благослов за сè. Од 2014 година имам познаници во Патријаршијата. Ми кажаа дека има консолидација на поддржувачите на фундаментализмот и она што денес се нарекува идеологија на „рускиот свет“. Таквите луѓе стануваа сè побројни…
Свештениците не одржуваат особено блиски односи едни со други и не се познаваат добро. Ова е, исто така, карактеристична црта на постсоветскиот црковен апарат, луѓето не си веруваат, особено едни на други. Црквата сè уште е под контрола на специјалните служби во поголем или помал степен; покрај тоа, секогаш има парохијани подготвени да се жалат „каде што е потребно“. Го видов сето ова и затоа си ја одбрав позицијата на паралелно постоење со администрацијата. Отсекогаш се стремев да бидам што е можно послободен од системот, вклучително и во самата РПЦ… Гледав критички и разбрав дека системот на управување во РПЦ е далеку од Евангелието.
Сепак, постои одреден простор за слобода. Ова е најјасно забележливо кај младите свештеници. Но, функционерите, епископите, се луѓе кои се целосно зависни од системот, честопати дури и отворено потпишуваат лојалност кон службите. Постојат свештеници кои ја заземаат позицијата „тоа не е моја работа“ – односно, тие служат литургија, ја земаат својата плата и си одат дома. Исто така, има и такви кои создаваат нешто добро и покрај системот. А има и кариеристи кои едноставно се обидуваат да им угодат на своите претпоставени. Ние сме многу различни луѓе. Дури и кон „молитвата за Света Русија“, која стана обележје за поделба на „свои“ и „странци“, ставот кај свештенството е многу различен. Некои ја преработуваат, други сè уште се обидуваат да не ја читаат, а трети ја читаат, но ставаат свое значење во неа. Молитвата за Света Русија стана средство за проверка на лојалноста – кој е „верен“ на официјалната линија, а кој не.
Имаше еден интересен момент – кога почнав да зборувам против војната во проповедите и на социјалните медиуми, еден новинар, што го познавав, ми пријде и ми рече: „Слушајте, се плашам за вас. Дозволете ми накратко да објаснам што смее, а што не смее да се прави“. Во еден момент сфатив дека и јас самиот веќе бев меѓу „набљудуваните“… Репресивните мерки се применуваат првенствено врз оние кои имаат некакво видливо влијание, на пример, отец Алексеј Умински: од самиот почеток на војната, тие решија да го отстранат без двоумење, по принципот „подобро сега отколку подоцна“. ФСБ не дејствува директно, туку преку црковната администрација. Ако се незадоволни од вас, нема да ве повика некој од властите, туку некој црковен службеник, официјално овластен. И нема да ви кажат: „имате погрешна политичка позиција“, туку ќе ви најдат друго обвинение, на пример дека „неправилно ги читате молитвите“ или „ги кршите каноните“. Сè се прави преку други лица. А тоа ги растура човечките судбини, срцата и совеста, предизвикува болка и ги одвраќа луѓето од Црквата, а понекогаш дури и од самиот Бог.
На крајот сфатив дека постои црковна организација над која немам никаква моќ. Не можам да влијаам на неа, ниту да ја променам, дури и ако „се исправам пред бункерот“ (израз според херојската постапка на војникот Александар Матросов во Втората светска војна, н. заб.). Но, истовремено можам да изградам друг простор – на комуникација, доверба и единство, за да го проповедам Евангелието во мојата парохија, меѓу познаници и пријатели. И видов дека ова дава плод: кругот се шири, а односите меѓу луѓето стануваат подлабоки.
Секако, темата за војната обично останува надвор од опсегот на разговорите, малкумина зборуваат за тоа отворено. Но, среќавам луѓе од верата со справедливи погледи, кои отворено го отфрлаат она што се случува. Обично тие се во длабок очај, не гледаат излез. Преку нив дознавам за луѓе кои биле отпуштени или уапсени. Ми се допаѓа една мисла на Максим Кац: „Кога сте опкружени со абнормална реалност, вашата прва задача е сами да ја зачувате нормалноста“.
Јас лично никогаш не сум попрскал „света вода“ врз воени единици, не сум воен капелан. Но, сум сретнал луѓе кои одат во војна и бараат благослов. Понекогаш жената го носи во храмот својот сопруг, кој е пред потпишување договор. Тој е целосен неверник, а таа се грижи и прашува: „Барем благослови го за да биде сè во ред со него…“ Мојот став е јасен: не го благословувам одењето во војна, но можам да се молам со него. На пример, можам да се молам со него Бог да му ја уништи самоувереноста. Разбирам дека зазел некаков цврст став и тешко е за човек одеднаш да се измени. Но, важно е да се сее сомнеж во него дека е на вистинскиот пат. Понекогаш директно сум рекол: „Дојдовте да побарате мој благослов да одите во војна. Но, разберете: имам роднини и тука и таму. И ќе пукате еден во друг.“ Потоа лицето е изненадено, размислува, а понекогаш вели: „Барем молете се за мене.“
Еден случај особено ме импресионираше. Еден човек дошол од фронтот на кратко отсуство и се подготвувал повторно да замине. Тој веќе видел крв и смрт и јасно чувствувал дека овој пат нема да се врати жив. Таму, на фронтот, сè се доживува на адреналин. Адреналинот го стеснува просторот на мислата: само се стегате и продолжувате напред. Состојба на континуирано преживување. И потоа човекот се враќа и повторно гледа мирен живот. И одеднаш почнува да се прашува – кој е, каде е, што му се случува. Но, во исто време сфаќа дека од него се очекува повторно да оди во војна, и му се чини дека нема начин да го избегне ова. Дојде кај мене, совладан од страв: „Молете се за мене, чувствувам дека нема да се вратам.“ И се молев на Господа овој човек да види каде е доброто, а каде е злото, да не прави злосторство, да се ослободи од слепилото. Можам да се молам за него како за личност која, според мене, е духовно изгубена или духовно болна. И тој чувствува дека не го доживувам како непријател. Напротив, се обидувам да му помогнам да се исправи, да излезе од таа бездна во која се наоѓа.
Сретнав друг свештеник кој ми кажа дека истото му се случува и нему. Бидејќи и тој има антивоен став, бил испратен да служи од централниот регион некаде на периферијата. Тој повеќе не држи отворено антивоени проповеди – едноставно се обидува да допре до луѓето, да се моли за нив.
Донесов одлука за себе. Еднаш еден верник ми рече: „За да живееш слободен, прифати ја внатрешната одлука дека си подготвен на сè. Нема да бидеш слободен сè додека не си кажеш: утре можеби нема да бидам свештеник; ако ме избркаат, ако ме проколнат, ако ме наречат непријател на Црквата, нека биде така. Ако имаш мудрост, нема слепо да се фрлаш кон секого, нема да „пукаш“ во сите правци со зборови што луѓето нема да ги разберат и нема да ги прифатат. Но, ќе имаш внатрешна слобода.“
И воопшто, убеден сум дека човечките срца не се изгубени. Можеби ни е тешко да веруваме, но иднината веќе доаѓа – преку верата на оние што не ја изгубиле.
Продолжува…


