Минатиот пат се потсетивме, како освојувањето и откривањето на нашите внатрешни простори и потенцијали е, всушност, ослободување од демонското влијание врз нас и растерување на маглата од демонската прелест во нашиот ум. Исто така се потсетивме дека тоа не е лесен подвиг бидејќи, не само што е потребно да станеме членови на Црквата, туку потребно е и, согласно Светото Предание, да растеме низ нивоата на духовниот развој – од чистење на срцето од страстите, преку просветлување на умот, па сѐ до обожение на личноста.
И од самото именување на нивоата на духовниот развој станува многу јасно дека севкупното наше внимание треба да е насочено, пред сѐ, кон движењата на нашето срце, кон сите наши чувства и мисли, кон нашата волја и нашите желби; и кон тоа, дали целиот тој наш внатрешен свет е насочен кон исполнување на Божјите заповеди или нѐ влече кон задоволување на нашите гревовни страсти – славољубие, среброљубие и сластољубие. На овој подвиг нѐ повикуваат Светите отци на Црквата, како и самото Свето Евангелие: „Царството Небесно е внатре во вас“.
Ако сето ова е вака, тогаш сите треба да си го поставиме прашањето и да размислиме – зошто тогаш ние сме толку насочени кон надвор од себе? Цело време сме во некакво исчекување: нешто да се случи, нешто да се смени, нешто да видиме, нешто да слушнеме и слично, а сето тоа, по можност, да биде согласно нашите желби, нашите замисли, нашите очекувања – согласно нашите страсти, но без да промениме нешто во себе или во начинот на работењето. Постојано живееме со некаква лажна надеж дека нешто ќе се смени во наша корист, која постојано ја потхрануваме, и покрај лошото искуство од досегашните исходи; нема да дочекаме друг, поволен, резултат – со истото погрешно работење.
Еве каква порака му пратив на еден човек вчера кој ми се пожали од својот ближен: „проблемот е што проблемот е во тебе – тоа се твои чувства, твои мисли, твој однос кон тоа што се случува надвор од тебе; ти сакаш другиот да го промениш по твоја мерка, а не себеси по Христова мерка; никој од нас не може ништо да промени, освен самиот себе, дури потоа – и околината“. Сакав да му кажам дека, колку повеќе благодатта Божја на Крштението се пројавува од нашето срце, т.е. колку ние самите себе се преобразуваме, толку ние и успеваме да го смениме светот околу нас – согласно Божјата волја за него; ако, не – ништо.
Сите наши желби се остваруваат претходно молитвено во нашето срце, а после во стварноста, без и ние конкретно да се молиме за нив, без, дури, да сме свесни за нив. На крај, ќе забележиме дека Бог секогаш го прави најдоброто за нас – дури и без оглед на нашиот однос кон Него, а камоли ако се однесуваме како деца Негови. И самата надеж, и самото очекување, не се лоши сами по себе, но треба да се согласно Божјата волја и треба да се поткрепени од срдечен молитвен подвиг, како и од труд во исполнување на Божјите заповеди.
Ништо добро не произлегло од безмерното седење пред разните екрани и автопромоцијата на социјалните мрежи, од таа зависност и болест на новото време, освен, најчесто, растројство на личноста. Ништо добро не произлегло од очекувањето другите да се променат и од барањето на само човечка правда. Тенденцијата да излеземе од себе е тенденција кон бегство од реалноста. Постојаната насоченост кон надвор од себе е демоноопседнатост. Кој друг, ако не демонот, нѐ држи постојано насочени кон надвор, ако веќе знаеме дека Богочовекот Христос ни заповедал: „барајте го најнапред Царството Небесно и сѐ друго ќе ви се додаде!“
Пресвета Богородице, спаси нас!
Пишува: Митрополит Струмички г. Наум

