Бугарскиот патријарх Даниил му го врачи орденот на Свети Јован Рилски од Прв степен на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, за време на неговата прва мирна посета на Вселенската патријаршија.
Бугарската православна црква одлучи во 2024 година да го одликува Вселенскиот патријарх Вартоломеј со највисокиот црковен орден на БПЦ, за посебни заслуги за надминување на расколот во БПЦ.
Двајцата поглавари служеа и заедничка литургија.
Бугарскиот патријарх во говорот кон Вартоломеј се обраќаше со титулата Вселенски патријарх, а потсети и дека Вселенската патријаршија, како Мајка црква го има приматот да го чува единството на црквата.
-Првенствена координирачка улога во овие наши заеднички и секојдневни благовеснички напори за ширење на верата, „еднаш засекогаш предадена на светите“, ја има Вселенската константинополска патријаршија. Престолот на Првоповиканиот Христов апостол – свети Андреј, украсуван низ вековите од предстојатели како големите свети отци и учители на Црквата Григориј Богослов и Јован Златоуст, од борци за чистотата на православната вера како светите патријарси Прокло и Флавијан, Герман и Тарасиј, Никифор и Методиј, од ревносни мисионери како светите патријарси Фотиј и Игнатиј и од знаменити исихасти како светите Калист и Филотеј Кокин, како и од целиот неизброиви светители и светилници на Великата Христова Црква – Црква исповедничка и маченичка – и денес, во соборно единство со останатите Помесни православни цркви, ја предава полнотата на вистината, држејќи го високо издигнат Светилникот на верата и благочестието, изјави бугарскиот патријарх.
Даниил потсети дека Бугарската црква е како првородна ќерка на Константинополската патријаршија и дека сето тоа и денес останува длабоко врежано во нивната црковна и народна меморија, независно од сите перипетии и пресврти историјата.
-Веруваме дека така ќе остане и во иднина. Големиот отец на Црквата, претходник по катедрата на Вашата Сесветост – константинополскиот архиепископ свети Јован Златоуст, вели дека „името на Црквата не е име на разделување, туку на единство и на согласие“. Овие негови зборови, кои низ вековите одекнуваат до нас и истовремено го изразуваат консензусот по ова прашање на сите отци и учители на Црквата, остануваат подеднакво актуелни и денес, кога црковното единство се соочува со нови предизвици и повторно е ставено на искушение. Искрено се надеваме дека ова наше присуство овде, кај мајката Црква и Првопрестолот на Православието, ќе придонесе за зацврстување и зајакнување на тоа од Бога заповедано единство, кое е и наш стремеж и наша најискрена желба, искатна Даниил.
Патријархот на Бугарија изрази надеж дека во сегашниот свет на поделби, Православната црква треба да ги издигне својот глас за единството.
-Во времиња како сегашните, кога беззаконието се умножува до непрепознатливост, кога повторно „се бунтуваат народите и… замислуваат суетни работи“ против Божјата волја, кога гледаме како човечкиот живот и достоинството на човечката личност сè повеќе се обезвреднуваат, а целиот наш свет е потресен од разрушувачките сили на темнината, Православната црква е должна уште погласно да го издигне својот глас во заедничко сведоштво за светлината и мирот што Христос ни ги донесе со Своето раѓање, за Новиот Божји Завет на љубовта што Тој ни го остави, за она длабоко потресно и преобразувачко покајание на кое нè повика во деновите на Својот земен живот и, конечно, за онаа победа со која еднаш засекогаш го победи злото и смртта, и во која нè направи учесници и благовесници на Евангелието на Царството Божјо, изјави бугарскиот патријарх Даниил.
