Исклучително почитуваниот имам од Скопје, Бенјамин Идриз, кој во Минхен го раководи исламскиот форум и главен имам во исламскиот центар во Пензберг, Германија напиша коментар на својот фејсбук профил околу изборот на идниот Муфтија на Скопје, потсетувајќи ја ИВЗ дека на тоа место мора да дојде ефендија кој е исклучително почитуван и респектиран во Скопје и меѓу муслиманите во Македонија.
Имамот Идриз, кој во Германија доби јавно признание од германската Канцеларка Ангела Меркел, за исклучителен придонес во афирмацијата на меѓуверската толеранција и соживот во Германија, во својот коментар на Фејсбук посочува дека идниот скопски Муфтија треба да биде муфтија-ефенди кој има потенцијал подеднакво да воспостави мостови за соработка со Истокот и Западот, со муслимани и христијани, со оџи и верници, со граѓаните и селаните.
Во продолжение целиот фејсбук статус на имамот Бејамин Идриз
Во пресрет на назначувањето на муфтијата на Скопје
По пензионирањето – според официјалното соопштение на Исламската версака заедница на Република Македонија (ИВЗ) – на досегашниот муфтија на Скопје, Реџеп еф. Јусуфи, муслиманското население во Македонија, особено она во главниот град, го чека со голем интерес назначувањето на новиот муфтија.
На прошталната церемонија на сега поранешниот муфтија Реџеп еф. Јусуфи, поглаварот на ИВЗ на РМ, Реис Ул Улема Сулејман еф. Реџепи, во својот говор и во присуство на сите имами ja пофали образовната посветеност на проф. Јусуфи како професор по арапскиот јазик во медресето во Скопје, но, во исто време, го призна и неговиот неуспех во организација на муфтиството во Скопје во текот на изминатите 22 месеци.
Самиот визуелен изглед на церемонијата јасно покажува колку се оддалечило раководството на ИВЗ од културата и традицијата на оваа највисока верска институција. Наместо церемонијата да биде одржана во централна џамија во присуство на скопските имами и верници, каде и самиот муфтија би го одржал својот проштален говор кој би бил посветен на муслиманско население, наведувајќи ги резултатите од својата дејност, церемонијата се одржува во локал и каде што муфтијата не кажа ниту еден збор.
Наместо подарокот (кој според видео-снимката беше костим) да биде врачен во посебен пакет, тој беше даден како човекот да купува нешто во чаршијата.
Eте така беше испратен муфтијата. На кратко, на многу „селски“ и ни малку достоинствен начин за муфтија на Скопје! Ова е нивото во кое достигна нашата Исламската верска заедница во нашиот главен град Скопје.
Но Скопје не е обичен град. Тоа е епицентарот на исламот во јужниот дел на Балканот. Кон Скопје се насочуваат Тетово и Струга, Приштина и Призрен, Тирана и Елбасан, Нови Пазар и Прешево. Но, дури и пошироко, гласот на Скопје го слушаат и Сараево и Истанбул, па дури и Брисел и Мека.
Скопје е домот на Исхак Челеби, кој беше кадија во Шам, главниот град на Сирија, дом на Хасан Фехми ефенди, кој беше муфтија на Косово.
Скопје е дом на хафизите, улемата, мудеризите, хоџите и теолозите познати во историјата. Скопје е местото на дејствување на Атаулах ефенди, на Фета ефенди, на хафиз Бедри ефенди, на хафиз Ибрахим ефенди, на хафиз Шабан ефенди, на хафиз Мехмед ефенди, на хафиз проф. д-р Бекир Садак, на хафиз Идриз ефенди и многу други улема, кој дадоа толку многу во насочувањето и ориентацијата на муслиманското население на Скопје.
Во периодот на монизмот, Скопје го снабдуваше Сараево, Приштина и Нови Пазар со хафизи и ваизи. Скопје е преполнo со луѓе, жени и мажи, благочестиви, богоугодни, со добро однесување и исламска култура. Скопје е чувар на религиозниот и националниот идентитет низ вековите.
За да се зачува исламскиот идентитет, оџите на Скопје доживеале тортура и казни со затвор. Иако граѓаните на Скопје се карактеризираат со мудрост, трпение и нежност, кога постои потреба, тие може и да искажат револт, да се побунат и да се кренат.
Затоа, секој допир на црвената линија, кон која се приближува населението, ќе предизвика судир и ќе има тешки последици. Минатото време, речиси четврт век, беше сведок на декаденција, време на катастрофална организација на официјалниот живот на исламот, време на исчеснување на исламската култура во круговите на институцијата на ИВЗ.
Овој период во историјата ќе биде запаметен за тоа дека Исламот бил зачуван од народот, а не од институцијата, која, според Уставот, е институционален чувар на религијата.
Оваа институција е киднапирана и узурпирана од страна на едно лице, и покрај тоа што зад него стојат и многу други зрна. Со разрешување на претпоследниот муфтија, Ибрахим ефенди, и пензионирањето на последниот муфтија, Реџеп ефенди, дојде време за нов почеток – почна да се гледа светлината на крајот од тунелот.
Сега е време за назначување на лидер на муслиманите на Скопје, кој ќе биде оџа, дипломиран теолог со академски степен, познат по побожност и повеќе резултати, имено имам, муфтија и ефендија во целосна смисла на зборот.
Мора да дојде муфтија-ефенди, кој е од Скопје, кој го познава Скопје, Каршиака и Дервен. кој ја познава чаршијата, еснафите, народот.
Тој треба да биде муфтија-ефенди кој ќе оди низ улиците, на пазар и чаршија, и ќе ги посети џамиите со шал и капут, кој ќе го предводи утринскиот намаз, намазот на Џума и теравии, кој ќе го одржи проповедот на Џума, предавања, лекции и совети во џамиите во градот и селата од Скопје.
Од неговото теолошко искуство, тој мора да даде фетва, да објавува научни текстови и да комуницира со медиумите. Тој треба да биде муфтија-ефенди кој ќе го подигне нивото на неговите колеги, како од материален аспект, така и од интелектуален.
Тој треба да биде човек со надрегионален калибар, кој ќе биде вешт да зборува албански, турски, босански, арапски и македонски јазик во Тирана, Истанбул, Сараево, во Мека, но и на плоштадот во Скопје.
Тој треба да биде муфтија-ефенди кој има потенцијал подеднакво да воспостави мостови за соработка со Истокот и Западот, со муслимани и христијани, со оџи и верници, со граѓаните и селаните.
Тој треба да биде муфтија-ефенди кој ќе го крене гласот против вулгарностите и навредите во просториите на ИВЗ, против злоупотребата на стоката на муслиманите и против мрзливоста на вработените.
Тој треба да биде човек со достоинство, кој ќе почне со расчистување на институција од сето она што е во спротивност со шеријатот и Уставот на ИВЗ, и кој ќе го отвори патот за институционални реформи.
На кратко, муфтија треба да биде човек кој не е странец на михработ, на минберот и курсијата, од деновите на медресето досега.
Само таков муфтија од овие земји ќе го добие моралното снабдување и моќ да дејствува во служба на исламот и сите скопјани, па дури и пошироко!
Скопје и скопјаните заслужуваат муфтија со таков профил! Скопје го има овој потенцијал.
Минхен, 26.04.2017
Пишува: Хфз. Д-р Б. Бенјамин Идриз, Имам од Скопје во исламскиот центар во Пензберг, Германија
Претседател на исламскиот форум во Минхен
