„А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“. Ова се стихови од Евенгелието според Матеј, кои на најилустративен начин ја опишуваат довербата и важноста што Исус Христос ја имал во апостолот Петар, пишува „Дневник“.
А за тоа што за христијаните во периодот по распнувањето и на воскреснувањето на Исус Христос значел овој некогашен рибар, еден од дванаесетте апостоли, кој му се придружил заедно со својот брат Андреј, не треба посебно да се објаснува. Се до својата маченичка смрт на 12 јули 61 година, кога пострадал и апостолот Павле, тој е практично личност што има водечка улога во ширењето на христијанството, во конституирањето на христијанската црква како институција на темелите на неговата вера. Тогаш, на одреден начин е чудно како подоцна се случило и било определено списот познат како Евангелие според Петар, што е еден од најстарите вакви ракописи посветени на животот и на страдањето на Исус Христос да не стане дел од канонските евангелија содржани во Новиот завет и кои се фундаменти на христијанската религија. Односно, како се случило за канонски да бидат прогласени евангелијата според Матеј, Лука, Марко и Јован, кои според сознанијата, настанале по неговото, а не и раскажувањето за кое се верува дека го напишал најверниот следбеник на Исус Христос? Познато е дека делата кои влегле во составот на Новиот завет, кој го сочинуваат 27 книги, првпат се фиксирани во 367 година од страна на свети Атанасиј Александриски во неговото 39 воскресенско послание. Со тоа, ракописот на пергаментен кодекс, кој бил пронајден на почетокот на 1887 година во некрополата Акхмим во Горен Египет од страна на францускиот археолог-египтолог Гастон Масперо, дефинитивно е отфрлен како кредибилно евангелие. А пергаментот што бил пронајден во гробот во непосредна близина на манастирот, кој бил подигнат на овој некогашен антички локалитет и кој претставувал препис на првичните ракописи направен во 8 век, имал повеќе делови.
Првиот дел од кодексот напишан на 12 страници, односно, шест пергаментски листови, всушност, е и главниот дел кој се нарекува Евангелие според Петар. Но, досегашните сознанија покажале дека тоа не е целосно евангелско четиво, туку само дел од една евангелска целина на Петровото Евангелие. Вториот дел од осум страни го опфаќа ракописот наречен Откровение на апостол Петар и тој открива дека овој и претходниот дел го пишувала една иста личност. Најопширната содржина ја претставува третиот дел каде што веќе се открива дека е пишуван од страна на повеќе автори, додека четвртиот дел е најкус, составен од само една страница. -Првиот дел од кодексот во кој се наоѓа Петровото евангелие создава повеќе прашања и тези отколку што дава одговор. Самиот текст почнува со вцртан мал крст на почетокот од текстот и текстуалната содржина одава впечаток дека не станува збор за формални зборови кои имаат одлика на еден канонски евангелски текст. Со други зборови, може да се каже дека текстот е прекината целина од еден веќе постојан текст и е прифатен како фрагмент. Во науката веќе е прифатено дека овој текст не може да потекнува од периодот по 8 век. Тој препишан фрагмент, кој ќе биде прифатен како Петровото евангелие, е првото пронајдено неканонско евангелие.
Денешниот научен став за овој фрагмент на Петровото евангелие е дека фрагментот е создаден врз база на еден список, за кој со сигурност не може да се каже дека е првобитното евангелско четиво и дека потекнува од апостолот Петар. Но, се уште постои теорија дека текстот, од кој е препишан постојниот фрагмент, е еден текст, паралелен по форма на канонските евангелија и „се верува“ дека е историски спомнуваното Евангелие според Петар, објаснува Дарко Анев, асистент по старогрчки јазик на Богословскиот факултет „Свети Kлимент Охридски“ на МПЦ-ОА.
Тезата дека не се работи за целосно евангелие Анев ја објаснува со фактот што како почетокот така и крајот на овој текст, каде што се гледа грубо прекинување на раскажувачкото дејство, потврдуваат дека се фрагмент од еден поголем текст. А за него во западната теолошка мисла периодот на настанувањето се лоцира кон крајот на 2 и почетокот на 3 век. Анев наведува дека овој спис првпат бил спомнат од страна на Јустин Маченик чии дела датираат од 150-160 година и во кои тој спомнува за еден вид мемоари и сеќавања на апостолот Петар. Тоа би значело дека не станува збор за едно текстуално дело именувано како евангелие бидејќи Јустин Маченик сигурно би го именувал како такво. Но, како евангелие овој спис е првпат споменат од страна на Серапион од Антиохија во 190 година и кој, практично, ја дава содржинската линија и теолошката вредност на ова Петрово евангелие.
– Ние, браќа го прифаќаме Петар и другите апостоли како Христос, на како луѓе кои се искусни, ги отфрламе списите што одат од рака до рака и се нарекуваат според нивните имиња, а во кои јасно се воочува некоја сосема поинаква вера од онаа што ја примиле апостолите. Јас претпоставувам дека и до вас дошол еден препис на евангелие што го носи името на апостолот Петар и дека заради тоа дошло до смут во редовите на вашата црква. Сега, кога разбрав дека некои од вас втонале во ерес, ќе настојувам што побрзо да дојдам, пишува овој голем теолог во своето дело со што јасно се покажува каков однос треба да се има кон списот што се нарекува Евангелие според Петар.
Не почувствувал болки на крстот
Теологот Анев објаснува дека Серапион го потенцира ова евангелие како постоен спис, но и го објаснува и го отфрла како неприфатлив.
-Тој дозволува делото да се прочита бидејќи на тој начин ќе се забележи и ќе се открие кој ерес се крие во него. За каков ерес станува збор Серапион ги споменува најнапред како следбеници кои се отпаднати од Евангелието и воедно имплицитно ја објаснува содржинската идеологија на Петровото евангелие, а тоа е докетизмот. Докетизмот го објаснува како учење земено од веќе постојните евангелија и приспособено со убедливи мисли. А централната идеолошката линија на докетизмот е отфрлањето на човечката природа на Господ Исус Христос. Односно, тој определува дека ликот на Исус Христос поседува само духовна егзистенцијалност, а додека телесната природа е само привидно приспособена. Со други зборови, таа е непостојна. Ваквиот став на докетизмот стапува во директен конфликт со историска евангелска керигма и секој став за вистинското овоплотување на логосот во телото е отфрлено – наведува Дарко Анев.
Идеологијата на докетизмот, всушност, најдобро се гледа од списот што се нарекува Откровение според Петар и во кој е наведено и следното опишување на распнувањето на Исус Христос: „Видов како го зграбаа и реков: „Што тоа гледам, Господе. Дали тој што го водат навистина си ти. Дали тие заковаат стапала и раце на некој друг? Kој е оној над крстот кој е весел и кој се насмевнува над крстот? Спасителот ми кажа:„Оној што го гледаш весел и како се смее над крстот е живиот Исус. А оној низ чии раце и стапала ги коват шајките е неговиот телесен дел кој е замена. Тие го срамотат тоа што останало наместо него. И погледни ги него и мене“.
-Докетизмот, значи, ја признава божјата природа на Господ Исус Христос и неговото дејствување во светот, но го отфрла неговото искупително дело и страдалното мачеништво и страдалниот крст, со објаснување дека крстниот момент е реализиран од страна на некој негов ученик. Ваквиот став води кон објаснување дека Исус Христос не бил во состојба и можност да искуси човечки измачувања. Ваква теолошка мисла е забележана и во египетскиот прегаментен кодекс каде што е наведено:„ И тие донесоа двајца злосторници и го распнаа Бога во средина помеѓу нив, но тој молчеше, како болки да немаше“. Овој став јасно го дистанцира Петровото евангелие од познатите канонски евангелија – потенцира теологот Дарко Анев додавајќи дека е индикативно и тоа што во делото не се употребува името на Исус Христос.
Kои му биле последните зборови на Исус на крстот Од друга страна, интересни се и другите разлики на ова Петрово евангелие со четирите канонски евангелија. Така, на пример, во петтата глава се наведува дека владеела темнина на местото на распетието и дека луѓето насобрани околу се обидувале да го осветлат местото бидејќи не биле во состојба да видат што се случува помеѓу нив.
– Во таква ноќна состојба извикува Исус „Силата моја, силата моја, ти ме напушти“, а што пак не е со канонските евангелија. Проблематичен е и моментот од крајот на оваа глава во кој се наведува дека во таква непрегледна ноќ Бог зема Исус без подетално објаснување – потенцира овој теолог.
Во канонските евангелија се забележани поинакви последни зборови кои ги кажал Исус Христос кога бил распнат на крстот. Во Евангелието според Матеј е наведено дека тој кажал: „Боже мој, Боже мој, зошто си ме оставил“, а во Евангелието според Лука: „Оче, во Твои раце го предавам својот дух“, што е различно од неканонскиот спис. Во шестата глава се опишува едно посебно дејство, кое во ниту еден аспект не одговара на канонските евангелија. Поточно дел од јудејците, кои се пред распетието извлекуваат еден нокот од Исусовото тело и го положуваат на земја и во истиот момент се појавува сонцето и се враќа целата светлина врз Јудеја. Моментот на појавувањето на сонцето е 9 час. Во канонските евангелија 9 час е времето на распнувањето и затемнувањето.
-Десеттата глава го опишува воскресението на Исус (кэсйпт-Господ) и повикот кон јудејските старешини. Двајцата мажи сега во овој дел го изведуваат Исус (кэсйпт) од гробницата како придружба, која е опишана детално. Исус се наоѓа во средина и воден од двајцата мажи. При излегувањето од гробницата се опишува како биле проследени од еден крст во светлина, кој самиот се движел во заднина. По излегувањето од Гробот сега не се споменува ниту Исус ниту Господ, туку се спомнува „тој“што бил во средината, тој ги подигнал очите кон небото и во истиот момент се слушнал силен глас од небото: „Дали им проповедаше на умрените“, но сега одговорот не се лоцира во некој од трите мажи туку одговорот го дава крстот во потврдна форма – „да“ – ја потенцира и оваа разлика теологот Анев.
Претходно, во деветтата глава се наведува дека гробницата била чувана од двајца римски војници кои се менувале во текот на денот. Веднаш потоа се опишува и отворањето на небото и слегувањето на двајца млади мажи во светлина и бела облека, како и самото отворање на гробната плоча. Во последната, 13-та глава, како завршно опишување се спомнува бројот на дванаесеттемина ученици и нивната состојба на жалост каде што во последниот стих се спомнува целосното име на Симон Петар. Токму од тоа важело како потврден аргумент за авторството на првобитниот текст, од кој потекнува фрагментот именуван како Петровото евангелие. Сепак, сето ова било доволна причина евангелието да биде отфрлено.
-Не би одговорил дека секоја книга или пишан текст кој содржи теолошко-религиозни одлики, кои не се во согласност со канонот на Новиот завет, немаат посебна вредност. Би кажал дека токму во тие пишани текстови – апокрифни списи – покрај посебни теолошки и догматски убедувања и одредби, може да се реконструира еден цел период и да се даде еден одговор за состојбата во која се појавува тоа авторство и кои се проблемите и филозофските правци што го обликувале токму тој текст. Покрај историските факти, кои даваат некогаш и целосна слика за некои случувања, постои и можност за разбирање поинакви аспекти и ставови кон канонските текстови – наведува теологот Дарко Анев.
ШТО СЕ АПОКРИФНИ ЕВАНГЕЛИЈА
Евангелие, познато е, е името на четирите библиски книги од Новиот завет, напишани од учениците на Исус Христос или од нивни ученици, кои го ширеле христијанството во тоа време. Во евангелијата се содржат раскази за животот и учењето на Исус Христос: неговото раѓање, живот, дејност, неговата смрт на крстот и воскресението.
Евангелието всушност претставува објава која се однесува на Исус Христос и неговата улога како спасител на човечкиот род. Во поширока смисла на зборот се подразбира целиот Нов завет. Kако време на составување на евангелијата се посочува втората половина на 1 век по Христос. Тие се напишани од апостолите Матеј, Марко, Лука и Јован, познати и како евангелисти (четирите евангелисти). Четирите евангелија се дополнуваат заемно и го распространуваат житието на Исус Христос. Освен четирите канонски евангелија, постојат и педесетина апокрифни евангелија, кои не се вклучени во црковниот канон. Во 9 век евангелијата биле преведени од грчки на старословенски јазик. Меѓу нив најпознати се и Евангелие по Тома, Евангелие според Марија, Откровение според Павле и други.


