Може ли да има параклис во училишна зграда? А параклис-училница? Во Бугарија може.

Date:

Share post:

Бугарската православна црква повторно е во центар на медиумски интерес, откако во јавноста се појави иницијатива за изградба на параклис во државно училиште. Таков религиозен простор се планира да биде изграден во Основното училиште „Христо Смирненски“ во градот Момин Проход, училиште што недоамна го посетил патријархот Даниил.

Веста за претстојната изградба на православен параклис во училишната зграда ја соопшти Општина Костенец на својата Фејсбук страница. Објавата е посветена на посетата на патријархот Даниил и митрополитот Јован на ОУ „Христо Смирненски“.

Посетата на патријархот на државното училиште, каде тој ги благословувал учениците, оредизвика остри реакии во јавноста, а за време на посетата присуствувала и заменик-градоначалничката Маргарита Минчева како претставник на локалната администрација, на чело со градоначалникот Јордан Ангелов од партијата ГЕРБ.

Анализата на Медијапу.бг, ја пренесуваме во целост.

Образованието: световен карактер и параклиси

Неодамна Министерството за образование и наука на Бугарија предложи воведување нов предмет во училиштата – „Добродетели и религии“. Предлогот е дел од законските измени со кои се предвидува сеопфатна образовна реформа со промени во повеќе од 20 клучни области. Текстовите најпрво треба да бидат разгледани во парламентарната комисија, а потоа евентуално да стигнат до конечно гласање во пленарната сала.

Најконтроверзниот предлог е токму воведувањето на предметот „Добродетели и религии“ во редовната наставна програма од прво до дванаесетто одделение. Прашањето за местото на религијата во училниците се покажа како едно од најспорните за време на владеењето на ГЕРБ, БСП и ИТН, поддржани од „Новото начало“ на Дељан Пеевски. Предлогот доведе до протести, а против него се изјаснија родители, образовни експерти, универзитетски професори и организации поврзани со образованието.

Поради големиот јавен интерес, порталот Mediapool го праша Министерството за образование дали навистина учествува во изградбата на параклис во училиштето „Христо Смирненски“ во Момин Проход, како што беше наведено во првичната објава на општината.

„Во Министерството за образование и наука не е поднесено барање за изградба на православен параклис во Основното училиште ‘Христо Смирненски’ во градот Момин Проход“, одговорија од институцијата.

Од министерството велат дека досега нивната дирекција за државна сопственост и јавни набавки не издала дозвола за изградба на параклиси, цркви или молитвени домови на територија на училишта.

Во случај да се поднесе такво барање, училиштето се упатува кон Дирекцијата за вероисповеди при Советот на министри и кон епархискиот митрополит, кои се надлежни за статусот на идниот параклис.

Што се однесува до усогласеноста со световниот карактер на бугарското образование, определен со Законот за предучилишно и училишно образование, од министерството наведуваат:

„Постоењето на параклиси на никаков начин не го заменува световниот карактер на бугарското образование.“

Тие потсетуваат дека и сега, по избор на родителите и доколку училиштата имаат можност, може да се изучува предметот „Религија“ како факултативен.

„Изградбата на параклиси на територијата на светско училиште е дозволена единствено со образовна цел. Религиозна индоктринација е недозволива, бидејќи би го нарушила световниот карактер на образованието и уставниот принцип за одвоеност на верските институции од државата“, додаваат од министерството.

Параклис со образовна цел

Во училиштето „Христо Смирненски“ моментално учат 89 деца. Сите ученици од прво до четврто одделение – околу 50 деца – посетуваат предмет „Религија – христијанство – православие“. Тоа за Mediapool го објасни директорот на училиштето Јулијан Одажијан.

„Параклисот ќе биде внатре во училиштето – во коридорски простор. Идејата за неговата изградба постои одамна. Можеби пред околу четири години, кога го воведовме предметот ‘Религија – православие’. Се надеваме дека ќе биде готов до крајот на декември следната учебна година. Дали ќе успееме – тоа е Божја работа“, рече Одажијан.

Директорот планира од учебната 2026/2027 година наставата по „Религија“ да се прошири и во петто одделение, а потоа и во шесто и седмо.

„Што се однесува до параклисот, навистина ќе го користиме само за образовни цели. Знаете дека во параклис не може да се служи богослужба, не е задолжително да има царски двери, ниту пак посебна олтарна маса“, објасни директорот.

Тој планира часовите по „Религија“ наместо во училница да се одржуваат во параклисот, каде атмосферата ќе биде попогодна за темите што се изучуваат. Според него, кога темата е соодветна, таму може да се одржуваат и часови по други предмети.

На пример, во предметот ликовно образование од прво до четврто одделение се предвидени часови за иконографија и иконопис. Во историјата има многу теми поврзани со православието, а во литературата се изучуваат текстови од Библијата и Новиот завет.

Параклиси во училишта

Кога ќе се реализира овој проект, училиштето „Христо Смирненски“ нема да биде првото со параклис во својата зграда.

Во мај 2025 година патријархот Даниил освети училишен параклис во 125-то средно училиште „Бојан Пенев“ во Софија, посветен на светите браќа Кирил и Методиј.

Во јануари 2026 година параклис „Покров на Богородица“ беше отворен и во средното училиште „Васил Левски“ во Гълъбово, заедно со нов STEM кабинет.

Во 2021 година пак беше осветен параклис „Св. Спиридон“ во Националното училиште за применети уметности „Проф. Венко Колев“ во Тројан.

Во Софија има и неколку училишта во чиј двор има параклиси – 41 ОУ „Св. Патријарх Евтимиј“ и 67 ОУ „Васил Друмев“, како и 51 СУ „Елисавета Багряна“, кое има параклис веќе околу 15 години.

„Не религиозен, туку културен и историски симбол“

Малиот храм во 51 СУ „Елисавета Багряна“ е осветен на Денот на христијанското семејство (21 ноември) во 2012 година.

Иницијативата дошла од директорот, архитектот на храмот, родители и наставници. Параклисот е изграден со доброволна работа и донации и не чинел ништо за училиштето.

Според поранешниот директор Асен Александров, родителите позитивно ја прифатиле идејата и немало протести.

Иако училиштето има параклис, таму никогаш не се изучувал предмет „Религија“.

Параклисот е посветен на Св. Пимен Зографски – заштитник на бугарските сликари. Голем дел од иконите, како и куполата и витражите, се изработени од ученици во часовите по ликовно образование и иконопис.

Според Александров, параклисот не го менува световниот карактер на училиштето.

„Тој се доживува повеќе како културен и историски симбол“, вели тој.

Вратите на малиот храм се отворени во работното време на училиштето, а таму понекогаш влегуваат ученици, наставници и родители.

Од дирекцијата „Вероисповеди“ при бугарската влада и од Бугарската патријаршија Mediapool побара коментар, но до објавувањето на текстот одговори не биле добиени.

/Mediapool.bg

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img